Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска апелираше пратениците што поскоро да го донесат законското решение за недела да биде неработен ден, што би требало да почне да се применува од 1 октомври, со цел, како што рече, на работниците да им се овозможи баланс меѓу професионалниот и приватиот живот.
Таа информираше дека денеска во второ читање по амандманите на ова законско решение расправа Комисијата за труд и социјална политика.
– Апелирам до пратениците, затоа што работниците се нашиот најголем човечки капитал да се погрижиме да им овозможиме да се воспостави баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Верувам дека пратениците заеднички ќе го донесат ова законско решение и ќе може да се применува од 1 октомври, како што е предвидено, рече министерката Шахпаска во одговор на новинарско прашање.
За да стартува решението „недела како неработен ден“ од почетокот на наредниот месец, ќе мора претходно пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи. Измени се потребни и во законот за Законот за трговија, со кои ќе се уреди кои дејности ќе бидат исклучоци од прогласувањето на недела за слободен ден за работниците, колкава ќе биде дневницата и правата на оние што ќе работат во недела, но и како тоа прашање ќе се уреди за работењето на моловите.