Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со новоименуваниот амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер.
– Нам како држава ни е од исклучително значење поддршката што ја имаме од Франција во евроинтеграцискиот процес и во воспоставувањето на европските вредности. Франција ни дава значајна поддршка во процесот на градење демократско општество, во кое сите имаат еднакви можности за напредок и во кое нема дискриминација по ниту еден основ, нагласи на средбата министерката Шахпаска.
Како што информира Министерството за труд и социјална политика, амбасадорот Бомгартнер истакнал дека историските врски кои што постојат помеѓу Македонија и Франција се пријателски, како на билатерален, така и меѓу одеделни градови, истакнувајќи го примерот со Битола.
– Вашата земја прави многу работи во однос на родовата еднаквост, особено во делот на надминување на одредени стереотипи, по што РС Македонија е пример во регионот, посочи амбасадорот Бомгартнер.
Тој изрази надеж дека земјава ќе продолжи со реформите и покрај пречките што се појавија на нашиот евроинтеграциски пат и очекува дека пречките ќе бидат надминати.
Двајцата соговорници се согласиле дека земјава добро се справува со здравствената и со економската криза предизвикана од пандемијата КОВИД-19 и најавиле дека двете држави во наредниот период треба да работат на продлабочување на меѓусебната соработка во делот на трудот и социјалната политика.