Откако шпанскиот фудбалер Жерар Пике ја потврди врската со Клара Чиа Марти, пејачката Шакира го прекина молкот и проговори за новата љубов на нејзиниот поранешен партнер.
Имено, колумбиската поп-ѕвезда гостуваше во емисијата на мексиканскиот новинар Енрике Акеведо и искрено раскажа за нејзината разделба со Пике.
„Разделбата беше очајна и болна, но од неа излегов посилна. Конечно чувствувам дека сум си доволна на самата себеси. Порано ја прифаќав приказната за жена на која ѝ е потребен маж, но сфатив дека може да биде поинаку. Емотивно веќе не зависам од никого“, изјавила Шакира.
Потоа, Шакира ѝ испрати индиректна порака на новата девојка на Пике.
„Постои место во пеколот резервирано за жени кои не поддржуваат други жени. Отсекогаш сонував за семејство во кое децата имаат мајка и татко под ист кров. Очигледно е дека не можат да се остварат сите соништа, но животот сепак наоѓа начин како да надполни сè и мислам дека тоа ми се случи на мене – имам прекрасни деца кои секојдневно ме исполнуваат со многу љубов“, заклучила пејачката.
Како потсетување, Шакира и Пике беа заедно од 2011 година, а живееа заедно во Барселона цели осум години. Веста за нивното разделување ја споделија во јуни минатата година, со официјално соопштение објавено од нејзината агенција.
„За жал, потврдуваме дека нашите патишта се разделуваат. За доброто на нашите деца, кои се наш најголем приоритет, бараме да ја почитувате нашата приватност“, стоеше во нивното соопштение.
Отпосле се дозна дека Пике ја изневерувал Шакира со Клара Чиа Марти уште во 2021 година и дека тоа е главната причина за нивната разделба.