Членови на грчката анархистичка група „Рубикон“ рано утрово ја нападнаа Иранската амбасада во Атина, фрлајќи боја кон објектот и уништувајќи ја куќарката на полицаецот-чувар, со цел, како што инфромираа, на симболичен начин да им изразат поддршка на Курдите во Иран.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, членовите на „Рубикон“, и овој пат, како и при сите нивни досегашни акции, снимија видео и заедно со соопштение го објавија на анархистички сајт.
– Денеска, понеделник 17.09.2018 во 06.00 часот со боја ја нападнавме Амбасадата на Иран во Атина и ја уништивме куќарката на чуварот отстапен од грчката држава, откако претходно му препорачавме да се оддалечи, пишува во соопштението на „Рубикон“.
Полицаецот задолжен за безбедноста, според објавеното видео, бил само нем сведок на нападот, а грчките медиуми пишуваат дека е наредена внатрешна истрага околу тоа дали тој реагирал правилно или не.
Членовите на „Рубикон“ го снимиле моментот кога се приближуваат до Амбасадата, бараат од полицаецот да ја напушти куќарката, веројатно за да не биде повреден и откако тој излегува, едно лице започнува да го крши стаклото на куќарката, додека полицаецот, кој не е со униформа, туку со бела маица и автоматско оружје го гледа без да интервенира.
– Како што рече полицаецот, само што стапил на должност, бидејќи тоа време се менува стражата и тогаш тргнал да го облече горниот дел од униформата кога одеденаш пред него се појавиле членовите на „Рубикон“, јави грчката новинска агенција АНА-МПА, објаснувајќи дека полицајците пред да стапат на должност од половина нагоре не носат униформа.
Висок полициски функционер за АНА-МПА објаснил дека е наредено да се спроведе внатрешна истрага во полицијата, зошто полицаецот не постапил според предвидените правила и прописи или зошто не го притиснал копчето за итни случаи и известување на полицијата, како и дали од неговите раководители му биле дадени соодветни упатства.
По нападот членовите на „Рубикон“, околу 10 лица со 5 мотори, побегнале од пред Амбасадата на Иран, а полицијата и покрај поставените блокади не успеала да пронајде ниту еден од нив.