Реакција до јавноста во врска со скандалот со веќе внесените матични броеви при попишување на дијаспората:
Покрај скандалозното решение за споделување на лични податоци од страна на “блиски лица”, кое е спротивно на Европската конвенција за човекови права, очигледно Владата не може да ги заштити личните податоци ниту на иселените во дијаспората. Повеќе македонски иселеници реагираа дека при обидот за внесување на матичен број, добиле известување дека матичниот број веќе е внесен во апликацијата – иако прв пат се регистрирале.
Ова претставува сериозен пропуст, затоа што се работи за лични податоци чиј пристап е заштитен со закон и било каква злоупотреба на истите претставува кривично дело. Се поставува прашањето, дали поради слабиот одзив за попишување во дијаспората, Владата се обидува со фалсификување податоци вештачки да ја зголеми бројката на попишани лица?
Фактот дека се работи за апликација која беше креирана преку донација од бугарска фирма, чиј претставник во Македонија е поранешна советничка на Кочо Анѓушев, уште повеќе ги зголемува сомнежите за политички договори околу пописот. Во самата методологија на пописот, меѓу другото, не постои дистинкција помеѓу резидентно и нерезидентно население, поради што се сомневаме дека власта ќе ги злоупотреби бројките на нерезидентното население за да прикаже поголема популација од реалната.
Ова е уште еден непоколеблив показател дека Владата предводена од СДСМ со сите методи и злоупотреби се обидува политички да профитира од пописот и затоа Левица одбива да учествува во нелегитимен и нелегален попис, кој има за цел единствено да ги задоволи апетитите на владејачката коалиција.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА