„Со новиот закон за правично и соодветно застапување ќе биде унапредено етничкото застапување низ институциите“ – изјави д-р Јетон Шасивари, професор по уставно право во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во интервју за ТВ Алсат.
Посочувајќи ги нагласките од неговите искажувања телевизијата истакнува: Професорот Јетон Шасивари, кој беше дел од работната група што го изготви Законот за правична и соодветна застапеност, изјави дека таков закон требало да биде усвоен уште во 2003 година. За разлика од врамнотежувачот – балансерот, според Шасивари, овој закон го унапредува спроведувањето на застапеноста.
„Овој закон го унапредува спроведувањето на уставниот принцип на соодветна и правична застапеност, односно од едно рамниште кое е повеќе политичко, го унапредува на уставно и правно рамниште, со механизам за спроведување, со одредени принципи во рамките на законот и со одредени законски рокови. Сега станува збор за извршен правен инструмент, бидејќи тоа ќе биде координативно тело, кое ќе функционира во рамки на владата. Владата е носител на извршната власт, таа ја поставува политиката за спроведување на законите и таа е одговорна за спроведување на законите. Фактот што тоа координативно тело ќе функционира во рамки на извршната власт е гаранција дека политиката за спроведување на законите таа ќе биде спроведувана од владата и другите институции од јавниот сектор.“ – вели Шасивари.
Во врска со критиките за недостатокот на казни за можните прекршители на овој закон, Шасивари нагласува дека целта не е казнување, туку спроведување на застапувањето, што ќе го спроведува Координативното тело, кое ќе има извршни овластувања, бидејќи ќе биде владино тело.
„Целта на овој закон не е казнување субјекти. Фактот што институционалниот механизам за спроведување, следење и остварување на овој уставен принцип ќе биде координативното тело во рамките на Владата, доволно зборува дека извршната власт треба да има законска и уставна должност да го спроведува овој закон“ – додава Шасивари.
Во врска со дилемите како ќе се утврдува етничката припадност и како ќе се спречат можни лажни изјави за етничка припадност, Шасивари нагласува дека како основа ќе се земе јазикот на личната карта, но и други документи, што ќе бидат вкрстени.
„Името и презимето на граѓанинот, запишано во личната карта, значи јавна лична исправа задолжителна за секој полнолетен граѓанин. Тоа име и презиме, запишано во личната карта согласно со амандманот 5, став 3, и со Законот за употреба на јазиците, членовите 12, 13 и член 5 од Законот за лична карта, е запишано на службен јазик различен од македонскиот јазик. Да, точно, зборуваме за јазикот, на кој се издаваат личните документи. Со стапувањето на овој закон во сила и со спроведувањето на овој закон, ваквите злоупотреби, кои ги имаше во минатото со балансерот, ќе бидат намалени и отстранети.“ – вели Шасивари.
Се очекува новиот закон за правично и соодветно застапување да биде усвоен од Владата на Македонија на нејзина седница утре, на 24 јуни 2025 година. По ова се отвора пат за негово испраќање до Венецијанската комисија, а потоа и за продолжување на постапките во Собранието на Македонија.