Министрите за одбрана на Турција, Русија и Сирија се сретнаа во Москва и разговараа за борбата против тероризмот во регионот, изјави денеска турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јави агенцијата Анадолија.

– На состанокот разговаравме за тоа што може да се направи за да се подобри ситуацијата во Сирија и во регионот што е можно поскоро, а истовремено да се обезбеди мир, спокојство и стабилност, рече Акар пред да се врати од Москва во Анкара.

Тој изјави дека Турција на средбата ги истакнала нејзините напори во борбата против тероризмот.

– Истакнавме дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на сите наши соседи, особено на Сирија и Ирак, и дека нашата единствена цел е борбата против тероризмот, посочи Акар.

Како што рече, Турција има за цел да ги неутрализира терористите на ПКК/ЈПГ и ДЕАШ, кои претставуваат закана и за Сирија.

– Им кажавме (на Русија и Сирија) дека правиме напори да ја осигураме безбедноста на нашата земја, нацијата и границите, рече Акар, додавајќи дека Турција „вложува напори да спречи понатамошна миграција од Сирија во Турција“.

Турскиот министер рече дека сириската криза мора да се реши на инклузивен начин во рамките на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.

– Во оваа смисла, оценуваме дека работата што ќе се направи во наредните денови може да даде значаен придонес за мирот и стабилноста во регионот и Сирија, рече Акар.

Тој повтори дека заедно со рускиот и сирискиот министер за одбрана се согласиле да продолжат со трипартитните состаноци за да се обезбеди стабилност во Сирија и поширокиот регион.