Шеикот Ахмед ал Тајеб, големиот имам на џамијата Ал Азхар, предизвика контроверзии поради тоа што изјави дека полигамијата е „неправда” кон жените, иако не повика на забрана на ваквата практика.

-Тие кои велат дека бракот мора да биде полигамен, грешат. Ние треба да ги читаме стиховите (Куранот) во целост, рече шеикот Ал Тајеб.

Големиот имам на џамијата Ал Азхар, меѓу сунитите се смета за врховен авторитет во толкување на исламските закони.

Ал Тајеб вели дека моногамијата е правило, а полигамијата е ограничена на исклучоци.

Според него, полигамијата во исламот е ограничена и бара „праведност”, а  „ако нема праведност, забрането е да имате повеќе од една жена”.

Тој додаде дека практиката на земање повеќе жени произлегува од „недостаток на разбирање на Куранот и традицијата на Пророкот”, како и дека е често „неправедна кон жените и децата”.

Големиот имам, исто така, повика на промена на начинот на кој се пристапува за женските прашања.

-Жените претставуваат половина од општеството. Ако не водиме грижа за нив, тоа е како да одиме само на една нога, рече Ал Тајеб.

Овие негови коментари, кои во петокот беа емитувани директно преку египетската државна телевизија, предизвикаа жестока дебата на социјалните мрежи, каде што некои го поддржаа големиот имам и се заложија за целосна забрана на полигамијата, додека други, претежно од ултраконзервативното движење на салафистите, ги повикаа мажите да земат повеќе од една жена.

Египетскиот Национален совет за жени ги поздрави изјавите на шеикот Ал Тајеб.

-Исламот ги почитува жените, ги третира праведно и им дава многу права, кои претходно не постоеја, вели претседателката на Советот Маја Морси.

Во исламот на мажите им дозволува да имаат најмногу четири жени, под услов да ги третираат подеднакво. Иако полигамијата е дозволена во повеќето муслимански земји, освен во Тунис и Турција, оваа практика не е вообичаена