Шеикот на Дубаи, Мохамед бин Рашид ал-Мактум, наредил да се хакирата телефоните на неговата поранешна сопруга и нејзините адвокати, како дел од „постојаната кампања на заплашување и закани“ за време на судската битка за старателство над нивните деца, соопшти денеска англискиот суд.

Шеикот Мухамед го користел софистицираниот софтвер „Пегасус“, развиен од израелската компанија НСО за борба против безбедносните ризици, за да ги хакира телефоните на принцезата Хаја бинт ал-Хусеин, полусестрата на јорданксиот крал Абдула Втори и луѓето кои се тесно поврзани со неа, се наведува  во пресудата на судот во Лондон.

Покрај тоа, неговите вработени се обиделе да купат куќа веднаш до имотот на поранешната сопруга во близина на Лондон, што судот го оценил како застрашување што ја натерало принцезата да се чувствува прогонета, несигурна и како „ веќе да не може да дише“.

Најновата пресуда доаѓа 19 месеци откако судот одлучи дека Мухамед ги киднапирал нивните две деца, се однесувал лошо кон нив и ги држел против нивната волја.

-Наодите претставуваат целосна злоупотреба на довербата и значителна злоупотреба на моќта, соопшти во пресудата судијата Ендрју Мекфарлејн, претседател на Одделот за семејство во судот на Англија и Велс.

Шеикот ги негираше обвинувањата за хакирање, а неговите адвокати изјабвија дека за тоа може да бидат обвинети и други земји на Блискиот Исток.

Мухамед (72) и Хаја (47) се впуштени во долга, жестока и скапа битка за старателство откако таа избега во Велика Британија со нивните две деца, Џалила (13) и Зајед (9). Таа изјави дека се плаши за нејзината безбедност поради сомнението дека имала афера со еден од нејзините британски телохранители.

Меѓу оние што биле цел на хакерските напади е и адвокатката на Хаја, Фиона Шеклтон, членка на британскиот Дом на лордовите, која го застапуваше престолонаследникот принцот Чарлс во бракоразводна парница со неговата прва сопруга, принцезата Дијана.