И официјално АРМ директно ќе се вклучи во справување со коронавирусот и ќе биде присутна секаде каде што ќе биде потребно, според уредбата донесена вчера која денеска стапува во сила, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес конференција.
-Армијата презема три значајни обврски согласно уредбите на Владата а тоа се: целосно преземање на границите од граничната полиција, зелената линија ќе биде под надзор на АРМ за да нема нелегални влезови и излези. Заедничко учество во мобилни екипи кои ќе вршат проверка во реоните на ангажирање, ќе спроведуваат контрола на полициски час и самоизолација и ќе изрекуваат мерки граѓаните да се упатат во државен карантин. Исто така АРМ ќе обезбеди и физичко обезбедување на витални објекти, Собрание, Влада и важни локации како што се затворите, појасни Шекеринска.
Таа рече дека ова е значајна одлука за да се обезбеди контрола во рамките на територијата на Македонија, но и со со цел полицијата да биде прераспределена во внатрешните државни потреби.
-Армијата ќе постапува согласно со полицијата, но ќе даде силна поддршка со бројка и опрема за помош. Полската болница близу инфективната болница ќе биде ставена во функција на јавното здравје. Како ќе има промени од страна на Владата, така ќе бидат распределувани и припадниците на АРМ кои ги повикувам да се посветат на интересот на државата. Битката што ја имаме денес нема да биде лесна, но ќе биде оправдана. Целиот свет се соочува со епидемија што бара сите да сме мобилизирани и фокусирани, додаде Шеќеринска.