Говорот на омраза ни е заеднички непријател и сите треба да работат на негово искоренување, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на дебатата за концептот едно општество за сите, за кое беше речено дека не е концепт што ќе се донесе со закон.
– Тоа е концепт кој може да биде успешен само доколку биде прифатен од мнозинството граѓани, порачаа денеска учесниците на завршната дебата за Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Македонија.
Според вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, колку повеќе сме интегрирани внатре во општеството, толку повеќе ќе бидеме успешни надвор од државата.
– Дури и ние што најмногу сме се вложиле и сме работеле на темата интеграција во ЕУ, свесни сме дека успехот во интеграцијата во ЕУ и НАТО не е доволен, ако не успееме да понудиме интеграција внатре во државата. Концептот едно општество за сите ја дефинира нашата цел дека во оваа наша држава треба да обезбедиме повеќе канали на комуникација и повеќе разбирање меѓу различните. Таа интеграција ќе биде најголемото безбедносно, економско и социјално сидро за нашата држава, порача Шекеринска.
Додаде дека говорот на омраза е заеднички непријател и оти сите треба да работат на негово искоренување.
– Понекогаш, и ние политичарите, и медиумите, премногу простор им даваме на оние кои сакаат да создаваат поделби и омраза. Говорот на омраза некогаш е многу атрактивна тема, меѓутоа со преголемото присуство на медиумите, уште повеќе го стимулираме, рече Шекеринска.
Заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи констатираа дека училиштата се места каде треба да се смислат механизми за создавање на мостови за комуникација меѓу децата и за почитување на различностите.
Важна улога во создавањето едно општество за сите, според вицепремиерот Османи, има одиграно и правичната застапеност со која им се овозможи на различните етнички заедници меѓусебно да се запознаат.
– Платформата што ја создаде Охридскиот рамковен договор за правна застапеност со вработувањето на луѓето во институции, болници и сите други државни институции, овозможи луѓето да се запознаваат меѓу себе, да бидат во иста канцеларија со Македонец, Турчин или Ром, рече Османи.
Според него, треба да се работи и на довербата во судството бидејќи, како што рече, кај другите етнички заедници има мислења дека се носат поразлични судски одлуки кога се во прашање сторители Албанци, Турци, Роми…. Првата работа што треба да се направи, според Османи, е да се потврди дали ова размислување е само перцепција или навистина се носат такви одлуки.
– Ако цениме дека се статистички сигнификантни овие одлуки, тогаш имаме сериозен проблем кон кој треба да пристапиме за да ги елиминираме етничките предрасуди. Но, ако ова прашање е перцепција, тогаш треба да работиме со луѓето за да им ја смениме перцепцијата, бидејќи оваа недоверба на етничките заедници во судството е темел за создавање на општа недоверба, рече Османи.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски порача дека медуумите треба да работат на елиминирање на говорот на омраза и на искоренувањето на појавата на лажни вести.
Националната стратегија за за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам досега беше презентирана во седум градови низ државата, а вкупно беа одржани девет јавни дебати.