Младите во нашата држава веќе кажаа дека сакаат државата да продолжи напред, дека не сакаат да губат време на политички кавги и на политички делби, како и на прашања од минатото и на кавги од минатото, истакна денеска заменик-претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска на средбата со младите од Делчево.
– Токму затоа поддршката од сите млади од цела држава е голема кон кандидатот за претседател Стево Пендаровски, заради тоа што во него гледаат шанса, навистина да изградиме држава која ќе биде безбедна. Тоа ќе го донесе НАТО членството, но и ќе создава многу шанси за младите, а тоа ќе се постигне со членството во Европската Унија, рече Шекеринска.
Таа посочи дека ние сме на само неколку километри од границата со Европската унија и токму младите во Делчево имаат можност да видат колку Бугарија драстично се промени со членството во НАТО, а потоа и во Европската Унија. Сакаме, нагласи таа, тоа што им беше овозможено на младите во Бугарија да го овозможиме и за нашите млади.
– Тоа се големи фондови за развој на образованието, големи фондови за студирање во странство, меѓутоа исто така и за равој на локалната инфраструктура и на создавање на нови мали и средни претпријатија кои ќе го зголемат интересот на младите. За да оди напред државата, таа мора да ги решава сите проблеми, за да државата ги решава сите проблеми ни требаат луѓе кои што сакаат не само да зборуваат, туку кои сакаат да ги решаваат тие проблеми и во името на следните генерации, рече Шекеринска.
Според неа, не ни требаат претседатели кои во текот на кампањата прв пат си ги гледаат општините и народот.
– Ни треба претседател кој го знае својот народ кој ја поминал нашата држава и хоризонтално и вертикално, кој влегол во секое село и град и кој ќе обезбеди повеќе шанси за овие млади, додаде Шекеринска.