На социјалните мрежи и во медиумите се (пре)објавуваат фотографии и селфи на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на велешанецот Панче Жежовски и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Палевски може да се види на фотографии со познати личности не само од политиката, туку и од разни други сфери во општеството. Сега тоа се (зло)употребува за политички и други цели, а грозоморниот чин на убиства и негативниот набој кај граѓаните да се искористи за да се нападне „другата страна“.

Можеби е случајно, но три случаи на јавни личности во Македонија, кои завршиле со лисици на рацете, многу наликуваат.

Луѓето паметат, оти не беше многу одамна кога сите сакаа да се сликаат и да се филмуваат со поранешната Специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која сега одлежува затвор во Идризово. И другите нејзини колеги и колешки, не толку одамна, беа во центарот на вниманието, на фотографии, во медиумите, дури и на некакви скрпени документарно-политички филмови.

Уште подрастичен случај од Јанева е поранешниот нејзин близок пријател, и на власта, Бојан Јовановски познат како Боки 13. Тој има фотографии со највисоки личности од македонскиот владејачки пејсаж. Како што е познато, Боки 13, исто како и неговата поранешна пријателка Јанева, по сликањето со највисокиот врв на власта и амбасадори, заврши во затвор.

Сега, тоа се случува и со првоосомничениот за грозоморните убиства на 14-годишно девојче од Скопје и 74-годишен маж од Велес. Кога ќе се погледнат денес фотографиите, се добива впечаток, како иста „пиар“ да ги креирала настапите. Овде мора да се стави нужна ограда за разликата на криминалците, не може да се стваат во иста „келија“ тие што во неа лежат за украдени пари и тие што за пари или друг ќар убиле невини луѓе, меѓу кои и невино девојче на 14 години.

Можеби ова е само совпаѓање, но паѓа в очи. Сигурно е дека луѓето, и обичните како и тие во политичките врвови, си наоѓаат свој есап да се сликаат со популарни личности во тренд. Но, фотографиите и селфињата, од споменатите примери се доказ дека и политичари од врвот, како и свештеници, новинари, граѓани итн. покажуваат слабост кон личности во тренд. А потоа си ја ишкаат мувата од својата да оди на капата на друг.

Ако има некаква поента и дилема од ова совпаѓање може да биде: Дали тие што прават вакви фотографии и селфи биле подучувани од ист фото-центар, иста школа или, пак, биле толку мудри, сами и самоуки да го научат тоа?

А за насликаните со нив: По сликање нема каење!

(Д. Г.)