Најмалку шест луѓе загинаа, а над 430 се повредени при преминот на моќно торнадо низ јужната бразилска сојузна држава Парана.
Торнадото, со брзина на ветрот што надмина 250 километри на час, уништи десетици домови, а Владата прогласи вонредна состојба во погодениот регион.
Официјалните лица соопштија дека најмалку едно лице се води како исчезнато, неколку часа откако торнадото синоќа ја погоди копнената област.
Меѓу шесте жртви на природната стихија има и 14-годишно девојче.
Владата изјави дека 437 лица, вклучувајќи деца и бремена жена, добиле медицинска нега во болници или на самото место. Најмалку 10 од повредените биле оперирани, а девет од нив се во тешка состојба.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изрази сочувство до жртвите.




