Шестотини парчиња оружје и 400 килограми дрога беа запалени денеска во печката на „Еуро-никел индустри“ во Кавадарци. Настанот беше во организација на МВР, Агенцијата за управување на одземен имот и кавадаречката компанија, а по повод 9 јули, Меѓународниот ден за уништување на оружјето.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го следеше уништувањето, а во изјава за медиумите рече дека МВР бележи зголемена ефикасност во откривањето на нелегалното поседување оружје и во трговијата со наркотични средства.
-Мора да истакнам дека трендот се зголемува во ефикасноста на полицијата во откривањето на нелегалното поседување оружје, меѓутоа и со откривањето на трговија со наркотичните средства. Во 2018 година имаме зголемување на ефикасноста на полицијата за 43 отсто во делот на откривањето наркотични средства или тоа е најдобар учинок во последните 10 години. Со несмалено темпо продолжуваме сите заедно и во делот на организиран криминал и во секторите за внатрешни работи. Тој тренд продолжува и се зголемува, нагласи министерот.
Изрази благодарност до ,,Еуро никел“ за соработката во делот на спречување, сузбивање или уништување на наркотичните средства и оружјето, кои, како што рече, претставуваат едни од најсериозните ризици не само во земјава, туку и на регионално и глобално ниво.
Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, информираше дека по првото уништување на дрога во 2015, наредното било лани, а сега после шест месеци, се врши и второ уништување.