Јануарската пензија е повисока за 722 денари месечно, а ова зголемување влегува во основицата на пензијата што ќе се исплатува секој месец. И не е само зголемувањето на пензиите тоа што покажува дека пензионерите ни се високо на агендата. Изминативе две и пол години напорно работевме, ја покренавме економијата а резултатите можат да ги почувствуваат и повозрасните членови на нашата заедница, рече дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ на денешната средба со пензионерите во Велес.

Водиме одговорни политики, посочи таа и додаде дека секој пензионер во февруари доби 722 денари повеќе.

– Го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите, а просечната пензија изнесува 15.500 денари. Покачувањето на пензиите е планско, со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем и раст на економијата во државата. Како Министерство инвестираме и во развој на услуги на локално ниво како што се помош и нега во домашни услови и развој на центри за активно и здраво стареење на возрасни лица, кои ќе се користат за социјализација и дружење, нагласи Шкријељ.

Додаде дека активностите за подобрување на услугите на центрите за социјална работа на локално ниво ќе продолжат и во наредниот период затоа што секој заслужува достоинствен живот.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова на работната средба укажа дека најважна е редовната исплата на пензиите, но и стабилноста на пензискиот фонд.

– Сите пензионери сакаат повисока пензија, но не смее да се дозволи ерозија на пензискиот систем. Затоа, многу е важно што ова зголемување доаѓа како резултат на реформата и стабилизирањето на пензискиот систем. Посебно сакам да одговорам на прашањето што често ми го поставуваат, дали и во следната пензија ќе биде вграден порастот на пензија. Да, и во март, пензијата што ќе ја добиете, повторно ќе биде повисока за 722 денари. Ова усогласување е направено со закон и е трајно, ќе се пресметува редовно, секој месец, рече Трајкова.

На средбата се разви конструктивна дискусија за повеќе прашања поврзани со пензионерите кои со својот труд во минатото учествувале во изградба на општество. Дополнителната заменик – министерка Шкријељ им одговори на пензионерите дека во наредниот период ќе продолжи реформата на пензискиот систем и посебно внимание ќе се посвети на утврдување на ново, повисоко ниво на минимална пензија.