Молчат и Обвинителството и ДУИ за Мерко за дузината кривични пријави против членот на Централното претседателство на „интегративците“, пишува Мариела Трајковска за Слободен печат. Премиерот Ковачевски го впери прстот во правосудството, а амбасадорката Анџела Агелер рече дека Мерко е само прв во низата функционери од Македонија кои ќе бидат прогласени непожелни во САД.
Партијата на Али Ахмети е во шок и е изненадена што струшкиот градоначалник и член на Централното претседателство на ДУИ Рамиз Мерко е ставен на црната листа на САД за корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството, односно е прогласен за непожелна личност на американска територија. На црната листа на САД, освен Мерко, се најдоа неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца.
ДУИ молчи, а молчи и Обвинителството за тоа дали се водат постапки против Мерко за дузината кривични пријави поднесени против струшкиот градоначалник. Премиерот Димитар Ковачевски го впери прстот во правосудството и им порача да се запрашаат како САД има податоци за корупција на Мерко, а тие немаат. Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, пак, најави дека Мерко е само прв во низата функционери од Македонија кои ќе бидат прогласени за „персона нон грата“ во САД.
Извори од ДУИ за „Слободен печат“ велат дека во партијата владее штама, никој не зборува, ниту прашува за Мерко, по земјотресот што го предизвика одлуката на Стејт департментот. Ни 24 часа по соопштението од САД, ДУИ немаше официјален став за сопартиецот кој се најде на црната листа, нема одговор дали Мерко ќе поднесе оставка од градоначалничката функција, ни дали ќе биде исклучен од Претседателството на ДУИ и од партијата. Нема коментар ниту од струшкиот градоначалник дали сам ќе се повлече. Извори од ДУИ брифираат дека најмалку што очекувале е Мерко да осамне на црната листа, бидејќи на неа очекувале да се најдат некои од „огнените“. Велат дека прво на ДУИ ќе ѝ треба малку време да се соземе и дека по првичниот шок, лидерот Ахмети ќе свика Централно претседателство кое ќе одлучува за политичката кариера на Мерко. Според соговорниците, одлуката на Стејт департментот е неповолна и е знак дека поради корупција ДУИ е во фокусот.