Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската Влада.

Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт објави дека за време на разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна“ против Украина и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите што ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.

Шолц, исто така, ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина за да се постигне праведен и траен мир и ја изрази непоколебливата решеност на Германија да ја поддржи Украина во нејзината борба, се вели во писмената изјава на Хебстрајт.

Тој додаде дека Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи повторно по разговорот со Путин.

Владата не соопшти колку долго разговарале Шолц и Путин, а германската новинска агенција ДПА објави дека разговорот траел околу еден час.

Прес-службата на Кремљ потврди дека претседателот на Русија Владимир Путин во разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц го искажал рускиот став за решението во Украина.

„Претседателот на Русија посочи дека руската страна никогаш не одбила и дека останува отворена за продолжување на преговорите кои режимот во Киев ги прекина. Руските предлози се добро познати и беа претставени, особено, во јунскиот говор во руското Министерство за надворешни работи“, соопшти Кремљ.

Во разговорот Путин нагласи дека евентуалните договори треба да ги земат предвид безбедносните интереси на Русија, да се засноваат на нови територијални реалности и што е најважно да ги елиминираат основните причини за конфликтот.

Владимир Путин ги нарече причините за конфликтот „долгорочна агресивна политика на НАТО, чија цел е создавање антируски мост на украинска територија, а истовремено игнорирајќи ги безбедносните интереси на Русија и газејќи ги правата на жителите кои зборуваат руски“.

Лидерите разговарале и за билатералните односи. Путин го посочил нивното невидено деградирање во сите правци, како резултат на непријателскиот курс на германските власти. Тој нагласил дека Москва е подготвена за многу корисна соработка, вклучително и во енергетскиот сектор, доколку Берлин покаже таков интерес.

Шолц и Путин се согласија дека нивните помошници ќе бидат во контакт, додаде Кремљ.