Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин изјави дека очекува брзи резултати од договорот во однос на идните односи меѓу Србија и Косово врз основа на договорот на ЕУ.
„Претпоставувам дека наскоро ќе добиеме добри и конструктивни резултати“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, осврнувајќи се на минатонеделните разговори за нормализација на односите меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Шолц рече дека гледа „висок степен на подготвеност“ за решавање на прашањето за идните односи. „Постои голема подготвеност да се постигне она што долго време изгледаше недостижно. Тоа би било добро не само за мирот, туку и за развојот на Косово и Србија“, рече германскиот канцелар на заедничката прес-конференција.
Шолц потсети дека германско-францускиот план е поддржан од Европската унија и од САД и додаде дека предлогот е сеопфатен и дека е поддржан и од Европскиот совет во Брисел.
Еди Рама, кој денеска беше во еднодневна посета на Берлин, изјави дека и Албанија ја поздравува нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. „Албанија го поздравува планот меѓу Србија и Косово. Тоа е реален план што ја носи долгоочекуваната нормализација“, рече Рама.
Вучиќ и Курти минатата недела во Брисел разговараа за планот на Европската унија за нормализација на односите, но беше најавено дека допрва треба да се договорат за деталите. Планот не предвидува официјално меѓусебно признавање, но предвидува признавање на документите, а со прифаќањето на планот Србија да се согласи да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации.
По средбата Шолц и Рама најавија одржување на следната средба меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ како дел од т.н. Берлински процес во октомври во Тирана. Германскиот канцелар посочи дека би сакал „што поскоро да им посака добредојде на земјите од Западен Балкан“ како членки на Европската унија. Тој додаде дека Албанија, која исто така преговара за полноправно членство во ЕУ, прави добар „напредок“ на тој пат.