Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека сега е моментот за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и ја повика Македонија да ги донесе потребните одлуки на тој пат.
„Сега е време и земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија. Ние како Европска Унија ја презедовме таа обврска во Солун пред 20 години“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Николај Денков во средата во Берлин.
Прашан на пресот, дали на средбата со Денков станало збор и за Северна Македонија и дали постои дополнителен ангажман од Софија на таа тема, Шолц не одговори директно, туку потсети на ветувањето од Солун и го повика Скопје да ги донесе потребните одлуки.
„Затоа е многу, многу важно сега да го придвижиме тој процес напред – ова секако ја вклучува и Македонија, која сега може да ги донесе потребните одлуки – и сите ние сакаме заедно да го придвижиме овој процес напред. Се надевам дека тоа ќе се случи и во тесна соработка со Бугарија“, рече Шолц.
Бугарскиот премиер Денков не ја спомена директно Северна Македонија на прес-конференцијата, но говореше за интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
„Разговаравме и за Западниот Балкан. Разговаравме за тоа дека земјите од Западниот Балкан мора да се интегрираат како полноправни европски земји. Ги знаеме поединечните потешкотии, но мораме да работиме заедно со овие земји, за и тие да ја пронајдат својата иднина во Европа“, рече Денков.