Џон Шиптон, таткото на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кого Вашингтон го обвинува за шпионажа и ја бара неговата екстрадиција, изјави дека на неговиот син му се заканува смрт во затворот.
Во Женева Шиптон изјави дека пред два дена го посетил синот и два часа минал со него.
-На Џулијан му се заканува смрт во затворот по деветте години прогонство бидејќи ја откри вистината за воените злосторства, рече Шиптон и додаде дека неговиот син е многу ослабен и целосно депримиран.
Шиптон додаде дека не е праведно некому да му се суди само затоа што открил злосторства.
Известувачот на ОН за тортура, Нилс Мелзер, минатата недела оцени дека третманот кон Асанж го загрозува неговиот живот.
Тој изрази загриженост заради влошената здравствена состојба на Асанж по апсењето и притворот од почетокот на годината, наведувајќи дека „неговиот живот е во опасност“.
На 11 април Асанж беше исфрлен од Амбасадата на Еквадор во Лондон во која се сокри во 2012 година, по што британската полиција веднаш го уапси.
САД побараа екстрадиција на Асанж по 18 точки од обвинението, а доколку биде осуден за шпионажа и предавство со објавување на тајните државни документи, му се заканува повеќедецениска затворска казна.