Советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Шопова на денешната седница за советнички прашања упати прашање до директорот на Градски паркинг – Скопје, Крсте Петревски прашувајќи го што планира да преземи за решавање на хаосот во паркиралиштето во кампусот клиники Мајка Тереза, каде што иако граѓаните но и вработените во кампусот плаќаат ревносно за искористената услуга, квалитетот кој го добиваат е многу лош, а не ретко се соочуваат автомобилите да му бидат блокирани и да не можат да излезат или пак истите да му бидат оштетени, а до сега никој за тоа не сносил одговорност.
Шопова исто така, го праша директорот каде завршуваат парите за наплата на паркинг услугата во клиничкиот центар, кога според информациите кои што таа ги има, договорот за стопанисување со тоа паркиралиште завршил на деветти декември минатата година.
Истакна дека можеби има законски вакуум простор, па затоа го повика директорот да објасни.
Колку што јас имам информации, со оглед дека беа побарани документи за продолжување на месечните карти за вработените, договорот кој што ова претпријатие го има за стопанисување на паркингот во Клинички центар, имам информација дека истекол на 9.12.2022 година. Значи, поминати се два месеци, па ме интересира ако ние сите редовно ги плаќаме услугите на ова претпријатие, кој што за жал не ги добиваме, каде ни одат парите на сите нас, на граѓаните и на вработените? Можда постои некоја законска регулатива, па затоа би сакала директорот тоа да ни го каже и уште нешто, верувам дека како челник на институцијата имате некакви мерки кои би требало да ги преземете, истакна Шопова.
Додаде дека со оглед на тоа дека претходниот директор имаше план да се поставување на паркомати, кои што на новото раководство им требаше два месеци, на веќе обезбедена локација и прилагодена за паркоматите, да ги монтирате за да може наплатниот, така што барем колку толку да се регулира, прашувајќи дали вие имаат воопшто некакви мерки кои планираат да ги спроведат, кога ќе ги спроведат за да можеме сите ние корисниците на ова паркиралиште да се чувствуваме комотни, а не секојдневно со страв и со немир да влегуваат и излегуваат?
Второто прашање, рече Шопова се однесува на директорката на Јавното претпријатие Лајка и повторно прашањето е лоцирано за клиничкиот кампус Мајка Тереза во однос на бездомните кучиња пред инфективна клиника кои може да ги нападнат пациентите, но и придружбата кои доаѓаат да искористат здравствена услуга, како и персоналот кој работи на клиниката.
Јас знам дека имаме проблеми со бездомните кучиња на територија на Град Скопје, но, што конкретно се планира со кучињата кои што се лоцирани пред Инфективната клиника, каде што пациенти доаѓаат каснати од кучиња да добијат здравствена помош, здравствен преглед, а при тоа се нападнати од кучињата кои што се лоцирани на самата амбуланта, каде што можат да се нападнат и пациентите или придружбата, а некогаш се случува и медицинскиот кадар додека е на дежурство да ја напушти својата клиника и да оди до друга клиника за да заврши обврска, истакна Шопова.