Шпанските власти ќе воведат регистар на лица кои одбиваат да се вакцинираат против коронавирус и истиот ќе го споделуваат со другите европски земји.
Податоците од регистарот, меѓутоа, нема да бидат објавени во јавноста, соопшти денеска шпанското Министерство за здравство.
Министерот Салвадор Ила изјави дека е важно граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, иако вакцинацијата, што почна во многу земји на Европската унија, не е задолжителна.
-Ќе создадеме регистар на луѓе кои не ја сакаат вакцината и тоа ќе го споделиме со другите европски земји, рече Илa, додавајќи дека во регистарот ќе има луѓе на кои им е понудена вакцината, но кои ја одбиле.
Според него, регистарот не е документ што ќе и биде презентиран во јавноста и ќе се земе предвид заштитата на податоците.
Шпанската Влада планира до крајот на февруари да вакцинира околу 2,5 милиони грашани, а до лето меѓу 15 и 20 милиони.
Во Шпанија од почетокот на пандемијата од коронавирус умреле околу 50.000 лица, додека 1,8 милиони се заразени.