Шпанскиот Парламент денеска започнува расправа за поддршка за предлогот на привремениот премиер Педро Санчез за формирање коалициска влада.
Социјалистичката партија на Санчез сака да формира коалиција со екстремно левичарската партија „Обединети можеме“, но за тоа се потребни гласови и од неколку помали партии за неопходна поддршка во Парламентот.
На првото гласање закажано за утре, не се очекува предлогот на Санчез да освои апсолутно мнозинство од 176 гласови, бидејќи три шпански десничарски партии веќе најавија дека нивните пратеници нема да гласаат за тоа.
Сепак, социјалистите тврдат дека ги имаат потребните гласови за просто мнозинство на второто гласање во вторник. Тие се потпираат на добрата волја на дваесетте пратеници кои се согласија да бидат воздржани.