Шпанскиот премиер Педро Санчез го повика Израел да ја преиспита офанзивата во Газа и рече дека бројот на жртвите на Палестинците е навистина неподнослив.

„Одговорот на терористичките напади на Хамас не смее да доведе до смрт на невини цивили, вклучително и илјадници деца“, рече Санчез.

За време на денешната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Санчез рече дека Шпанија постојано ги осудува шокантните терористички напади на Хамас и го признава правото на Израел да се брани, но додаде дека израелските власти мора да го почитуваат меѓународното право.

„Да бидам јасен: Израел мора да го почитува меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право. Целиот свет е шокиран од снимките што секојдневно излегуваат од Газа. Бројот на убиени Палестинци е навистина неподнослив. Верувам дека цивилите мора да бидат заштитени по секоја цена“, рече тој.