Австрискиот канцелар Себастијан Курц на патувањето во Јапонија и Јужна Кореја, а потоа и во САД, нема да оди со шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсел, што е вообичаена пракса.
Како што е најавено, во делегацијата ќе бидат министрите за економија Маргарет Шрамбек и за инфраструктура, иновации и сообраќај Норберт Хофер, додека Кнајсел ќе учествува „само“ на Минхенската безбедносна конференција.
Невообичаено е во Австрија канцеларот, пред се на пат во САД, каде за 20 февруари е закажан состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, да не оди со шефицата на дипломатијата.
Нејзиното поклонување пред претседателот на Русија Владимир Путин минатото лето, на нејзината свадба, предизвика негодување во Вашингтон.
Официјално, отсуството на Кнајсел од делегацијата што ја предводи Курц на претстојните патувања, неговиот Кабинет го објаснува со намалување на делегацијата.
Меѓутоа, како што тврдат дипломатите зад затворени врати, канцеларот се повеќе се дистанцира од Кнајсел, затоа што таа, како што велат, сака „да ги подучува“ колегите во Владата и со тоа самата се изолира од останатите во Кабинетот.