Германските медиуми пишуваат за наглото зголемување на бројот на ново заразени со коронавирус во Југоисточна Европа. Дали станува збор за т.н. уште еден бран од кој сите се плашат толку? Или првиот не постоел, се прашува Дојче Веле.

„Регионот на Југоисточна Европа, кога беше пикот на пандемијата во Европа, помина релативно добро. Дали е тоа причината што пандемијата сега се враќа во сета сила?“ прашува „Шпигел“. Весникот додава дека бројот на новозаразени лица во целиот регион нагло се зголемува: во Србија, во однос на претходната недела, за 125, во Босна и Херцеговина за 75, а во Хрватска за „дури 232 проценти“ повеќе новоинфицирани.

Непридржување на правилата за хигиена

Авторот наведува дека поради овие бројки, Австрија вовела строги ограничувања на сите што се враќаат од Србија, БиХ и Северна Македонија пред неколку дена. Истото важи и за Германија, која и покрај препораките на Советот на Европската унија, ја задржа забраната за влез за оние што доаѓаат од Србија.

За земјите од ЕУ, Хрватска и Словенија, важат други правила. Дер Шпигел наведува дека хрватските власти посочуваат дека сите нови случаи на инфекција се „увезени“ од соседството. „Има интензивен прекуграничен сообраќај помеѓу балканските соседи, но граѓаните на Хрватска, наводно, не ги следат правилата за хигиена“, пишува Дер Шпигел.

Во написот се заклучува дека во случајот со нагло зголемување на бројот на инфекции во Југоисточна Европа, можеби  воопшто не може да се зборува за втор бран, затоа што првиот всушност не постоел. „Не може да се расправа за втор бран на Балканот. Коронавирусот едноставно доаѓа со задоцнување. Владите се свесни за слабостите на нивните здравствени системи, воведоа карантин многу рано и гсо тоа долго време го задржаа бројот на инфицирани на многу ниско ниво. Минатата недела властите попуштија под притисокот од економијата и граѓаните. Покрај тоа, во некои земји се одржуваат избори “, вели Дер Шпигел.

Сè заради избори и туризмот

Но, без оглед колку беше строг карантинот, особено во Србија, каде што беше на сила дури и полициски час, премногу се неразбирливи ненадејните отстапки, вели Дер Шпигел и ги наведува фудбалскиот натпревар во Белград со 20.000 навивачи или несреќниот турнир на Новак Ѓоковиќ. Се споменува и сомнеж за официјалните бројки за коронавирусот во Србија.

Официјалните бројки во Србија ги двои и јужногерманскиот весник Хејлбронер Стим,  кој цитира локални новинари и за намален службен број на ново заразени лица, особено пред изборите. „Разликата помеѓу службената и вистинската бројка е, кога се во прашање умрените, е најмалку 600 лица. Бројот на дневни инфекции беше десет пати поголем од официјалниот“, вели за Хајлбронер Стим една новинарка која имала увид во скриените броеви.

Исто така се зборува и за забавите по изборите без никаква заштита. „Ситуацијата во Србија станува се подраматична. Институтот Роберт Кох ја смета Србија за ризична област“, ​​пишува Хајлбронер Стим.

Влијателниот швајцарски новински портал Нау.ч разговара и за зголемениот број во регионот на Југоисточна Европа и укажува на „увезени“ случаи на инфекција во Швајцарија кои се поврзани со луѓе кои престојувале во Србија. Нау.ч зборува и за лажни официјални бројки во Србија. „Забележуваме посебна концентрација на инфекции кај оние што пристигнале од Србија“, вели Стефан Кустер од швајцарската федерална канцеларија за здравство. Српскиот амбасадор во Швајцарија Горан Градиќ ги негира овие обвинувања: „Ситуацијата во Србија е стабилна“.


Смрт за туризмот

Главниот германски јавен сервис АРД, на страниците на кои се објавуваат извештаи од дописници, со седиште во Виена за Југоисточна Европа, носи детално досие за состојбата со коронавирусот во регионот и исто така шпекулира за втор бран на инфекцијата. “Дали е ова втор бран на корона или само кулминација на првиот? За дефинициите може да се расправа, но факт е дека тензијата околу епидемиолошката состојба во Југоисточна Европа не попушта. Напротив”, заклучува едиторијалот.

Причините за ваквиот развој АРД ги наведува, на пример на БиХ: „Насекаде можете да видите зошто се шири инфекцијата: многумина не носат заштитни маски во кафулиња, ресторани, продавници и јавен превоз и никој не ги следи правилата за растојание“.

Што се однесува до Хрватска, АРД вели дека контролата на коронакризата е жртвувана во последните неколку недели за политика и туризам. „Хрватска е една од земјите што реагираа брзо и ефикасно на пандемијата и беше позната како корона-фри (без корона). Но, пред една недела, Хрватска беше меѓу петте земји на ЕУ (заедно со Шведска, Полска, Франција и Шпанија) со најголем број нови инфекции на 100.000 жители. “, пишува АРД и заклучува:„ Ова сигурно не е многу добра реклама за туристичката земја Хрватска и секако е една од причините зошто нема туристи “.