Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека неговата земја може да учи од израелските напори за вакцинација против коронавирусот, јави ДПА.

Зборувајќи за постигнатиот напредок на Израел во имунизацијата, за време на државната посета на израелскиот претседател Реувен Ривлин, Штајнмаер кажа дека израелската програма „доби многу внимание и голема почит во Германија“.

Тоа, додаде германскиот претседател, беше „не само заради професионалноста и брзината на вакцинирање, туку и заради прагматизмот со кој вашата земја и одговорните го придружуваат и го забрзуваат овој процес“.

-Мислам дека другите, вклучително и ние, можат да научат од тоа, додаде тој.

Кампањата за вакцинација израелските власти ја почнаа на 19 декември и сега се смета за една од најуспешните во светот.

Со вакцинацијата значително се намали бројот на тешки случаи и нови инфекции. Повеќе од 5,2 милиони од вкупно околу девет милиони жители на Израел досега ја добија првата доза од вакцината, а од нив, нешто помалку од 4,3 милиони ја примиле и втората доза, пренесе ДПА.

Во меѓувреме, напорите на здравствените власти за вакцинација во Германија се под жестока критика поради бавното темпо.

Кабинетот на Штајнмаер пред состанокот соопшти дека шефовите на држави сакаат да разговараат за пандемијата и правичната дистрибуција на вакцините ширум светот.

Ривлин е првиот шеф на држава што Штајнмаер го прима оваа година во берлинската палата „Белви“.