Организаторите на наградната игра по таканаречениот Giveaway модел, Стефан Лазаров и Бојан Јовановски-викан Боки 13 (осуденик кому судот му определи медински отпуст од издржување на затворска казна) обвинуваат дека акцијата на даночни инспектори е удар врз нивните проекти и резултат на малограѓанските злобни коментари во јавноста, објави ТВ Телма.
Даночните инспектори синоќа беа во акција во штипски ноќен клуб каде се одвиваше наградната игра која била организирана без дозвола од надлежните финансиски институции. Јутјуберот Лазаров потврди дека сите натамошни настани од серијалот Giveaway ги откажува и дека иако инспекторите утврдиле дека станува збор за наградна игра, тој и неговиот правен тим ќе го обжалат решението. Лазаров тврди дека картите ги продавала дискотеката каде имало целовечерно шоу, а во наградната игра се учествувало преку социјални мрежи.
Во меѓувреме, и Боки 13 се откажа од учество во овие настани кои се наградни игри, но се без дозвола и се организираат во дискотеки и ноќни клубови.
Синоќа во Штип, инспекторите на УЈП влегле во дискотеката во Штип каде се извршени проверки и контроли и се земени докази за организирањето на настанот. По првичните информации, за овој тип на наградни игри, Министерството за финансии најави дека од утре ќе прави контроли кај организаторите и локациите каде се организираат вакви настани. За синоќешните активности нема никакви официјални информации од УЈП и од Финансии.
Во организацијата на штипската наградна игра без соодветна дозвола, учествуваше и Боки 13, осудениот за случајот Рекет, за кој повеќе лекари тврдат дека е хендикепиран од прв степен и не може да ја издржува затворската казна. Судот ги прифаќа тие лекарски наоди и повторно му овозможи да остане на слобода, а Јовановски беше во Штип каде настапи на 4-часовниот шоу-биз настан како водител и повикуваше да се купуваат карти и да се учествува во играта за големи награди.
Извор: ТВ Телма