Денеска, заедно со потпретседателката Кристина Костова, се сретнав со членовите и граѓани во Штип, објави пред малку претседателот на СДСМ, Венко Филипче на својот фејсбук-профил.
– Од луѓето слушнав дека тешко се живее, цените растат секој месец, сметките стануваат неподносливи, а платите остануваат исти или едвај се поместуваат. Луѓето се чувствуваат оставени сами, заборавени од оние што ветуваа дека ќе донесат промени. За неполна година, оваа власт успеа да ја изгуби врската со реалноста. Наместо резултати, гледаме замајување, но и луксузирања на грбот на граѓаните. Наместо политика со грижа, гледаме ароганција и бегање од одговорност. СДСМ ќе се обедини и врати на победничките патеки затоа што оваа Влада не испорача ништо од ветеното. Ќе продолжиме заедно, секој ден, насекаде низ државата, да зборуваме со луѓето, да слушаме, да учиме и да градиме вистинска алтернатива. Благодарам Штип за поддршката, истакна Филипче во објавата.
Тој деновиве подолго време беше отстутен од јавноста, а во медиумите беше објавувано дека бил во Дубаи, кај неговиот близок пријател и поранешен премиер и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ подолго време го повикува Филипче да ги објасни неговите бизнис релации со Заев, кој како што повеќепати е објавено, таму градел повеќекатница. Исто така, Филипче долго време негираше дека има златна виза од Дубаи, а се уште не е разјаснето како ја добил.