Наместо со „букетче“ во рака и фатена на некое оро, Кристина Ампева или како што текстилните и кожарските работници ја нарекуваат нивната Клара Цеткин, празникот на жената ќе го прослави на дебата во здружението „Гласен Текстилец“-Штип, а на која ќе се говори токму за правата на жените и на работничките. Пред седум години и таа беше дел од штипските текстилни работнички, наведната над машината за шиење, ја фаќаше нормата и немаше на кој да се пожали доколку и беа прекршени работничките права, но, од пред неколку години се вклучи во граѓанскиот сектор. Преку здружението „Гласен Текстилец“ – Штип почна да ја бие битката за правата на текстилните и кожарските работници.

-Потребно е да се насочиме кон достоинствена работа, правата на жените, работничките, да имаме еднакви плати со мажите. Настанот ќе биде од 18 часот на Осми  март, претходно волонтерите ќе поделат програма и што значи празникот на жената, бидејќи сметам дека го имаме заборавено. Минатата година направив една анализа, во седумдесетите години додека работниците на Први мај марширале, протестирале и се бореле за поголеми права, плати и услови, токму тогаш ги уживале двата слободни денови, а имале и подобри права, а после тоа се опуштаат и наместо да протестираат, одат на скара. Затоа и во деведесеттите години едниот ден им се крати. Истото ми е и со Осми март, додека жените штрајкувале, протестирале, се стекнувале со се поголеми права. Откако ова го нема и ја нема таа солидарност, ете сега е заменета со кафана, така да ситуацијата ни е се полоша и полоша, рече Ампева.

Храбро, со докази, проговори дека работничките од некои конфекции од источниот регион се принудени да враќаат дел од минималната плата на работодавачите, алармираше и за малверзациите што се прават при исплатата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Нејзниот работен ден  почнува со телефонските повици од работнички, кои од неа бараат помош, бидејќи во Штип и во градовите на истокот на една рака можат да се изборојат фирмите, кои имаат основни сидникални организации. Во еден ден знае да помине и по стотици километри. Семејството во овој случај трпи, но таа забележува дека како граѓански активист е должна да алармира и ги мобилизира институциите, да излезат на терен. Смета дека работите се променети на подобро во текстилниот сектор, конкретно во Штип и тоа во интерес на работничките.

-Работите  се повеќе се менуваат, гледам дека повеќе фирми ги почитуваат празниците, барем државните, поголеми празници. Гледам дека се зголемува и бројот на конфекции, што не работат во сабота, плата нема под минималната загарантирана. Платата во текстилната индустрија во Штип е многу поголема за разлика од останатите градови во источниот регион, рече Ампева.

Нејзин став е дека институциите, синдикатите  не сакаат многу да соработуваат со граѓанскиот сектор, но нејзина задача како граѓански активист е токму гласот на текстилните и кожарските работнички да допре до надлежните институции. Во изминатата година добра соработка има и со државниот трудов инспекторат, ги пофали оние, кои се во Штип, Куманово и Крива Паланка и Делчево. Додека за останатите инспектори вели дека подобро е работничките да реагираат во централата во Скопје.

-Многу ми е мило што работничките имаат доверба во нас, како „Гласен Текстилец“. Меѓутоа од друга страна ми е жал што немаме такви капацитети, ниту пак ингеренции да одговориме на многубројните поплаки, сугестии, претставки, пријави. Не се сметам за синдикалец, ме гледаат како неформален синдикалец, а не граѓански активист. Меѓутоа, ние како здружение ги немаме таквите ингеренции. Затоа сакаме и блиска соработка со нив, како би биле во служба на граѓаните и како, тие би си ја извршувале поефикасно, професионално работата, истакна Ампева.

Следната битка на поранешната текстилна работничка, а сега граѓанска активистка е новиот Закон за работни односи, во која од страна на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска била и вклучена во работната група .

-Постапката е малку запрена, не знам која е причината, но, ние нашето го одработивме и тука сме во улога на чувари, да видиме дали нашите коментари ќе влезат и како „Гласен Текстилец“ и Хелсиншки комитет за човекови права имаше коментар, бевме заедно вклучени и да видиме што од тоа ќе се прифати и да видиме дали ќе имаме подобар или полош Закон за работни односи. Меѓутоа реалната битка е во колективниот договор, не само за текстилците, кожарите, чевларите, туку и за целиот приватен сектор, бидејќи тој колективен договор важи за сите во стопанството. Таму се прават и најголеми манипулации. Таму најмногу се остават отворени врати за злопупотреба , класичен пример е регресот за годишен одмор, вели Ампева.

Се надева дека во интерес на правата на работничките во договорите меѓу министерството, работодавачите и репрезентативниот синдикат сепак ќе бидат вклучени и тие како граѓански сектор. Алармира дека се поместува старосната граница на текстилните работнички, просечната возраст им е над 50 години. Младите не се заинитересирани да работат во овој сектор. Затоа смета дека покрај мотивацијата со правилно вреднување на трудот, повисока плата, треба да се работи и на враќање на довербата во институциите и системот.

На крајот од оваа приказна, храбрата граѓанска активистка на жените им порачува дека 8 март не е ден за букетче, чоколадни бонбони, кафеани, туку е многу повеќе од тоа.

-Мислам дека во минатото, многу жени придонеле ние да имаме права, да се вклучиме во пазарот на труд, да бидеме еднакви и рамноправни со мажите, да имаме право на глас. Едноставно да имаме права, да не седиме дома, како што тоа го правеле во минатото. Некој во минатото се потрудил да ги имаме тие права, а некој како да сака да ги изгубиме, бидејќи 1 мај, 8 март не се денови за скара или кафана. Посакувам солидарност меѓу жените и поголема храброст, рече Ампева.

МИА