Антидронската, противвоздушната и антибалистичката „купола“ дел од грчката „Железна купола“ под името „Штитот на Ахилеј“, како и модернизација на фрегати и Ф-16, биле темите за кои се разговарало и донело одлука на денешниот состанок на владиниот совет за национална безбедност, што го свика грчкиот премиер, информираше министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
– Владиниот совет за национална безбедност, денеска донесе низа исклучително важни одлуки по предлозите од Министерството за национална одбрана, пред сè во однос на антидронската, противвоздушната и антибалистичката „купола“ на нашата татковина, еден многу важен дел од „Штитот на Ахилеј“ заедно со соодветниот „Command & Control“, со што мислам дека преминуваме во нова ера, посочи Дендиас по завршувањето на состанокот.
Објасни дека била одобрена модернизација на фрегатите ΜΕΚΟ и на воените авиони Ф-16 Блок 50 во F-16 Вајпер, со што рече дека заедно со француските Рафал „грчкото воздухопловство ќе биде едно од најмоќните во Европа“.
Дополнително ги разгледале и инфраструктурите за Ф-35, при што потсети дека првиот воен авион од овој тип, од САД ќе биде испорачан во 2028 година, а разговарале и за транспортните авиони и било одобрено одржување на Ц-27, во рамки на програмата „Follow-On Support“.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, по состанокот соопшти дека на владиниот совет за национална безбедност биле одобрени програми за армијата, а министрите за надворешни работи, Јоргос Герапетритис и за национална одбрана, Никос Дендиас информирале за последните дипломатски и воени случувања во Иран и на Блискиот Исток.




