Дело на професорот и поранешен македонски амбасадор во НАТО, д-р Нано Ружин, ја доби наградата „Гоце Делчев” во 2023 година за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката.
Наградата е доделена за делото „Балкански иконографии“, а за „Фокус’’ тој вели овој труд е еден вид на прирачник со кој подобро ќе се разбере нашето балканско поднебје, а дел од трудот е посветен на Гоце Делчев, кој според него е космополитски иконографски лик, кој им припаѓа на сите балкански народи, независно што е Македонец.
-Оваа награда е признание на трпеливата триесетгодишна работа врз феноменот на иконографијата. Од овој домен објавив четири книги од кои едната е преведена на англиски додека последнава која е наградена е објавена на француски јазик „Iconographies Balkaniques“ со предговор на познатиот француски геополитичар Мишел Фуше во издание на Универзитетот на Обединети Нации ЕЦПД.
Книгата е преведена од страна на Жаклина Наумовска и Даница Ружин. Лично ја сметам за еден вид прирачник за сите оние франкофони кои настојуваат да го разберат нашето балканско поднебје неговите политики и политичари, амбиции, иконографии, идоли и фантазми.
Дел од овој труд е посветeн и на Гоце Делчев, еден космполитски иконографски лик кој им припаѓа на сите балканските народи независно што е Македонец.
Неговите пораки се трансбалкански, хумани со длабок културолошки набој.
Независно што се смета за револуционер, Гоце Делчев е мирнодопски лик. Овој труд е мој придонес за надворешни набљудувачи на Балканот и Северна Македонија кои поседуваат доза на сомнеж кон нашите проевропски, демократски капацитети.
Трудот ќе биде публикуван и во Франција, и сметам дека може да делува стимулативно и за останатите наши автори да објавуваат трудови преку кои ќе ја запознаваме Европа со нашата мачна историја, политичка реалност, амбиции, идеали, иконографии, надворешни политики- истакна професорот Ружин.