Православните христијани на 7 јануари го празнуваат Рождеството Христово- Божик. За раѓањето на Господ Исус Христос се зборува само во две од четирите евангелија. Евангелистите Матеј и Лука даваат најмногу податоци за околностите на овој чин.
Евангелието на Матеј, кое е прво и најстаро запишано сведоштво за животот и делото на Месијата, содржи малку податоци за раѓањето. Тој забележал дека мудреците „…штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка му Марија, и паднаа, па му се поклонија, потоа ги отворија своите ковчежиња и му принесоа дарови: злато, ливан и смирна“.
Во Евангелието според Лука, се наведени повеќе детали. Тој наведува дека во тоа време излегла заповед од царот Август за попис на сите жители поради што сите граѓани морале да се запишат во градот од кој потекнува неговото племе. Родителите на Исус, Јосиф и Марија, тргнале кон Витлеем.
– А кога беа таму, нејзе и’ дојде времето да роди. Го роди својот син првенец, го пови и го положи во јасли зашто за нив немаше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири што престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо, забележал евангелистот Лука.
За теолозите поприфатливо е второто сведоштво. Тие објаснуваат дека во Витлеем, праведниот Јосиф и пречистата Дева Марија место за преноќиште нашле во долниот дел од гостилницата каде што биле сместени домашните животни. Затоа, по своето породување пречистата Дева Марија новороденчето Исус го положува во јасли. Традиција е во долните простории да се чуваат домашни животни. Таму има и јасли и од тоа произлегува оти местото на настанот било штала, во долниот дел од преполната гостилница, објаснуваат теолозите.
Спасителот покажал понизност
Но, најпрецизно место во кое се случил чинот на раѓањето на Исус Христос, според црковните лица е овчарска пештера. Црковните лица велат дека не е случајно тоа што Спасителот се родил во штала, поточно во овчарска пештера во која имало штала, што пак, е само еден од предзнаците на неговото крајно смирение, односно на отсуството на секаква суета и надменост во секое негово изразување во овој свет кој е инфициран со зло, односно со егоизам, надменост, суета, потреба за самоугодување.
Човекот е во основа е горделив. Луѓето се гордеат со најразлични нешта. Некои се гордеат со своето образование, други, пак, со своето семејно стебло, трети со изгледот, четврти со имотот… За разлика од луѓето, кога Исус кога дошол на земјата го заземал најниското можно место. Тој дошол на земјата за да им служи на сите, иако бил Бог, објаснуваат црковните лица.
Според нив, големината на Бог не се гледа само по создавањето на Универзумот туку и по тоа што тој доаѓа меѓу нас, одрекувајќи се од силата и привилегиите кои ги имал како Бог и се поистоветил со нашата падната човечка природа.
Во Библијата пишува: Зборот стана тело и живееше меѓу нас и ја видовме неговата слава. Таа слава, велат теолозите, е многу поголема од славата која се видела во создавањето на Сонцето, Месечината и ѕвездите. Со доаѓањето на Господ Исус Христос на земјата, тој, со својот пример им покажал на луѓето како Бог би сакал тие да живеат.
Теолозите објаснуваат дека во Господ Исус Христос не постоел ниту атом на гордост. Тој никогаш не им се наметнувал на луѓето, ниту се однесувал така за луѓето да се плашат од него или пак да го гледаат како некој посупериорен од нив.
Иако Господ Исус Христос, со својата божествена природа бил посупериорен од секој поединец, тој, сепак, ја криел таа негова слава.
Според црковните лица, злото на Земјата доаѓа со паднатиот ангел Луцифер, кој целата слава ја сакал само за себе. Сакал да се возвиши над самиот Бог. Кога се јавила таква мисла во него, Бог го исфрлил од небото. Бог е против гордоста каде и таа да се појави, велат теолозите.
Со исфрлањето на Сатаната, гордоста не можела да се рашири на небото. Но, бидејќи Сатаната бил фрлен во свет во кој е создаден човекот, тој луѓето ги заразил со вирусот со кој и самиот бил заразен.
За да го спаси човекот од гордоста, за да го искупи од тој отров, Исус дошол на земјата и се понизил самиот себе, објаснуваат упатените во христијанството. Искупувањето настанало со понизноста на Исус Христос. Според теолозите, во овој свет владеат два спротивставени духа. Едниот е духот на гордоста кој постојано сака да се воздигнуваме и да ги понижуваме другите луѓе, што доаѓа од Сатаната и духот на Исус Христос кој се понизува самиот себе, но не се понижува,туку ги воздигнува другите.
Според теолозите, користејќи го ова како мерка, многу е лесно да одредиме колку од Христовиот ум поседуваме во својот живот. Колку што ја имаме Христовата понизност толку имаме и негов начин на размислување, велат тие. Тоа е мрката за да видиме до каде сме со духовниот раст.
Исус одбил да биде крунисан
Со само тоа што тој од небото се симнал на земја демонстрирал понизност. Но тој не застанал тука. Кога луѓето сакале да го крунисаат тој избегал од таквата нивна намера. Тој не сакал да биде цар. Кога станал човек тој се понизил себе и станал слуга на сите. Често им говорел на учениците дека не дошол за да му служат на него туку тој да им служи нив.
Според црковните лица, Божјата природа е да служи, да помага и да ги благословува луѓето. Исус никогаш не се воздигнувал. На своите ученици им рекол да не користат титули. Им рекол да бидат браќа. Тој со својот живот покажал дека имотот, богатството и достигнувањата, семејниот статус не се примарни нешта.
Теолозите велат дека во историјата на човештвото само една личност можела да избере кога, каде и во кое семејство ќе се роди. А, тоа бил Исус Христос. Тој, односно неговиот Отец, можел совршено да го испланира Христовото раѓање. А што избрал? Тој избрал да биде роден во сиромашно непознато семејство на еден столар од местото Назарет. Град кој имал лоша репутација во Израел. Исус избрал да биде роден во многу сиромашно и непознато семејство. Јосиф бил столар. Но, не е само тоа. Која локација ја израл за да биде роден? Штала. Тоа е местото кое тој го избира за да влезе во нашиот свет.
Господ Исус Христос бил ветениот Месија од родот Давидов. Кога во евангалието по Матеј, го читаме Христовото семејно стебло, а луѓето не ретко се горди на семејството, тој избрал семејно стебло во кое една од роднините Тамара извршила прељуба со свекорот. Друга личност во неговото семејно стебло била Рава, проститутка. Исус имал роднина Рута, жена потомок на човек кој бил роден како последица на инцест. Тоа е семејното стебло што тој го избрал. Тој одлучил да ја отфрли секоја можност за горделивост, објаснуваат свештениците.
Во суштина, Исус дошол да покаже дека сите луѓе се еднакви, без оглед на расата, семејството, образованието, интелигенција, култура, позицијата во општеството. Тој дошол и го заземал најниското место во општеството од сите, затоа што само тоа бил начинот да биде слуга. Исус не ги сметал другите луѓе за подобри од себе. Понизностаа, според теолозите, не значи да ги сметаш другите подобри од себе туку Исус ги сметал другите за побитни од него. Тоа го демонстрирал на последната вечера кога им ги измил нозете на апостолите. Во тоа време, таа работа ја вршеле слугите. Но, вечерта немало никој од слугите. И секој од учениците сигурно си помислил зошто јас би им ги миел нозете? Секој во себе си мислел дека е посупериорен во однос на другиот. Тогаш Исус го земал садот и ставил вода во него и почнал да им ги мие нозете. Така со пример им покажал дека се побитни од него, објаснуваат црковните лица. Исус својата понизност ја покажал и со тоа што бил столар. Има уште безброј примери со кои Господ Исус Христос ја покажал својата понизност.
Господ Исус Христос несомнено е најголемата приказна за која се дебатира повеќе од два милениума. За неговото раѓање, неговиот живот и дело, неговата трагична смрт и неговото воскресение ќе се говори уште долго. Нeму нeка Му e вeчна славата и пoфалбата.
Ирена Радовановиќ за МИА