Стотици деца и возрасни без матична евиденција се лишени од правото да градат продуктивен живот, правото на школство, нега, социјална грижа, правото на работа – немањето слух на власта за овие проблеми, го натера активистот за човекови права и слободи, Суад Мисини, да започне штрајк со жед. Сам, во паркот спроти македонскиот парламентот испрати порака за ургентноста од потребата да се донесат законите – апелира на животот да му се стави македонско знаменце, со значење – веднаш, известува ТВ АЛФА.
Со овој тип на штрајк сакам да ја потенцирам ургентноста на тоа дека треба да се делува веднаш, институциите да реагираат, бидејќи не смееме да дозволиме децата на Македонија да умираат. Добар чекор беше направен со носењето на измените во Законот за матична евиденција, сега се чека да се донесат измените во Законот за пријавување престојувалиште и Законот за лична карта – вели Мисини.
Како што посочува Мисини, има неколку нивоа на административен статус – запишување во матична книга на родени, издавање лична карта, издавање државјанство и секој аспект на на овој статус на секој граѓанин е поврзан со пристапот до одредени права. На местото од таканаречените фантоми, вели, треба да се појават граѓани и продуктивни поединци кои ќе ги уживаат правата гарантирани со Уставот, но и ќе плаќаат даноци.
Ние сме цивилизирана држава, барем претендираме дека сме, нашиот Устав гарантира фундаментални права, во согласност со меѓународните стандарди и спроведувањето на овие закони во пракса ќе подразбира дека овие деца ќе бидат во состојба да градат продуктивен живот. Но не е важна бројката, важно е тие лица да ги интегрираме во општеството, дојдено е времето да се стави крај на овој проблем. Кога постои минимум политичка волја,кога институциите сакаат да го решат проблемот, може многу брзо да се реши. Тоа го докажале во повеќе области – додава активистот.
Собранието минатата недела донесе измени во Законот за матична евиденција, со кои „Секое дете родено на територијата на Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“. Овој Закон се донесе откако почина Мемет Камбер, момче фантом, кој не можеше да се лекува бидејќи немаше лични документи. Неговото тело остана 10 дена во мртовечница, бидејќи не можеше да биде погребан.