Белгиската авиокомпанија „Бриселс Ерлајнс“ ги откажа сите 222 летови предвидени за 13 февруари, кога во Белгија ќе се одржи генерален штрајк.
Како што јави МИА, се очекува генералниот штрајк целосно да ја парализира компанијата „Браселс Ерлајнс“, поради што таа денеска најави дека ги откажува сите летови планирани за тој ден во белгискиот главен град.
Станува збор за „проактивно откажување“, наведе авиокомпанија, поради тоа што големината на штрајкот и акциите кои се предвидени на аеродромот ќе го попречат нормалното функционирање на компанијата.
Се очекува откажувањето на 222 летови да погоди 16.000 патници.
Засегнатите патници можат да побараат да им се вратат парите од билетите, најави Браселс Ерлајнс.
Заедничкиот синдикален фронт повика на генерален штрајк на сите сектори на 13 февруари, поради неможноста да се постигне договор со работодавците за зголемување на платите.
Инаку, истиот ден, 13 февруари, во Брисел се одржува и состанок на министрите за одбрана на НАТО.