Сфатете ги граѓаните, гласачите сериозно, бидете искрени, им порачува на политичките партии и кандидатите на изборите европратеничката и член на Мешовитиот парламентарен комитет Тинеке Штрик во ексклузивно интервју за МИА. Европратеничката нагласува дека уставни измени мора да има пред да почнат преговори за влез во Унијата. Илузија е, додава Штрик, дека тоа нема да се случи.
Во интервјуто таа образложува дека политичарите во земјава треба да бидат искрени со гласачите бидејќи има многу дезинформации, особено за пристапниот процес.
-Никој не е упатен во овие дезинформации, можеби политичарите, но сигурно не граѓаните. Мислам дека тие треба да ја признаат траумата и жртвите што ги направија граѓаните со Преспанскиот договор, а потоа и со Францускиот предлог. Сега треба да се соочат и со фактот дека се потребни уставни промени пред да се влезе во преговори за влез во Унијата. Има политичари кои велат дека не ги прифаќаат уставните измени и дека ќе преговараат повторно или дека ќе го сменат редоследот на барањата. Тие креираат илузија бидејќи тоа нема да се случи. Тоа е опасна илузија бидејќи ќе значи дека многу повеќе време ќе се изгуби и на крај само ќе креираат многу помалку поддршка за Македонците за ЕУ, но исто така ќе ризикуваме да го изгубиме актуелниот моментум на пристапување, рече Штрик.
Сепак, таа нагласува дека треба исто така забрзано да се работи на реформите, особено во делот на владеење на правото односно корупцијата и судството.
Штрик силно го поддржува ставот дека земјите-членки на Европската унија на одлуките за пристапување не треба да ставаат вето и дека одлуката за пристапување треба да биде заснована на заслуги.
-Разбирам дека моментот на вистинско пристапување, базирано на едногласност е логично бидејќи е голема важна одлука, но исто така тие одлуки не треба да бидат предмет на вето. Тоа треба биде едноставно пристап базиран на заслуги и ако Комисијата даде препорака дека Северна Македонија е подготвена и дека преговорите треба да почнат, да нема можност земја членка да ја злоупотреби својата позиција поради билатерални разлики, рече Штрик.
Европратеничката Штрик и припаѓа на Групата на Зелени и Европската Слободна Алијанса, и исто така учествува на изборите за нов мандат во Европскиот парламент.
За време на престојот во Скопје, таа беше во кругот на поранешната фабрика Охис придружувана од пратеничката на ДОМ и кандидат за нов мандат Маја Морачанин. Штрик ја посетила оваа стара хемиска фабрика да види уште колку отпад има, но и да види како ЕУ и помага на Македонија и да собере сознанија за да може да помогне за барање финансиски средства за да може отпадот што поскоро да се дислоцира.
-Тоа е многу токсичен материјал што е се уште таму. Имаат прекрасен проект преку кој на многу безбеден начин се расклопува и транспортира. Но тоа е многу скапо. И тие навистина се многу зависни од фондови. За мене тоа е многу важно да алармирам во Европската комисија да видат како можат да помогнат со средства бидејќи е многу блиску до градот и мириса, и не знаеме колку може да влијае на водата во земјата. И треба да биде исчистено што побрзо, а тоа е прашање на финансиска поддршка. Тоа е нешто за што ние конкретно сакаме да помогнеме, рече Штрик во интервјуто за МИА.
Во продолжение целосното интервју со холандската европратеничка Тенеке Штрик, кое го направувме минатата недела пред нејзиното заминување во Босна и Херцеговина:
Вие сте во дводневна посета на Македонија. Која беше целта на ова патување?
– За мене како член на Мешовитиот парламентарен комитет беше важно да дојдам и да го почувствувам расположението на политичарите и општеството и како тие гледаат на реформскиот прогрес што е направен во земјата, бидејќи сум силен застапник на европската интеграција и мислам дека земјите од Западен Балкан, особено Северна Македонија треба да влезе во ЕУ. Мислам дека Северна Македонија припаѓа на ЕУ. Ова го чувствувам како заеднички проект. ЕУ мора да го поддржи овој процес и тој да биде кредибилен и да го испорача она што е ветено. Ние тоа се обидуваме од Европскиот парламент колку што можеме. Многу го поддржуваме процесот, а од друга страна граѓаните и политичарите треба да ги направат вистинскиот избор во однос на пристапувањето. Во изминативе два дена видов дека се направени многу напори, но се уште има многу да се направи. Исто така се чувствува потреба за забрзување. Граѓанското општество проблемот со корупцијата го гледаат како прв приоритет со којшто треба да се справите, а за да се справите со тоа потребни се независни обвинители и судство. Овие реформи се исто витални за пристапниот процес исто така. Ќе им користат на граѓаните во државата за поголема транспарентност и фер третман и ќе овозможат богатите компании едноставно да не ги „купуваат“ нивните интереси во општеството. Но, исто така тоа ќе ве донесе поблиску до ЕУ.
Вие сте тука во еден клучен момент за државата. Почна кампањата за претседателските избори, а за помалку од две недели почнува и кампањата за парламентарните избори. Имавте одвоени средби со сите официјални претставници во државата. Дали со нив разговаравте за изборите и каква е вашата порака до граѓаните во контекст на изборите?
– Да, точно. Всушност мојата порака беше „сфатете ги граѓаните, гласачите сериозно, бидете искрени“, бидејќи има многу дезинформации, особено за пристапниот процес. Никој не е упатен во овие дезинформации, можеби политичарите, но сигурно не граѓаните. Мислам дека тие треба да ја признаат траумата и жртвите што ги направија граѓаните со Преспанскиот договор, а потоа и со Францускиот предлог. Сега треба да се соочат и со фактот дека се потребни уставни промени пред да се влезе во преговори за влез во Унијата. Има политичари кои велат дека не ги прифаќаат уставните измени и дека ќе преговараат повторно или дека ќе го сменат редоследот на барањата. Тие креираат илузија бидејќи тоа нема да се случи. Тоа е опасна илузија бидејќи ќе значи дека многу повеќе време ќе се изгуби и на крај само ќе креираат многу помалку поддршка за Македонците за ЕУ, но исто така ќе ризикуваме да го изгубиме актуелниот моментум на пристапување. Руската инвазија врз Украина претставува клучен моментум за зголемување на свеста во Европската комисија дека ние треба многу посериозно да одговориме на глобалните закани и да се обединиме со нашите соседи. Така, проширувањето е нешто што навистина треба да биде направено. Комплетирањето на проширувањето нема да биде возможно без земјите од Западен Балкан. Исто така во Западниот Балкан гледаме дека исчекор може да направи Албанија, Црна Гора, сега веќе има разговори и со Босна… Не можам да кажам дека тие ги исполнуваат сите критериуми, но знаете дека би било штета Македонија, која отиде толку далеку со реформите да остане зад нив поради оваа пречка. И не е само да се искористи овој моментум, туку доколку се чека повеќе години многу луѓе ќе заминат од земјата во Западна Европа. Сметам дека на крајот тоа ќе има влијание на интересите на државата.
Нели сметате дека Македонија направи многу повеќе во делот на она што го бараше Европската унија особено со барањето на Грција за промена на името и исто така Бугарија со ветото кое што ни е наметнато? Практично заради една земја членка на ЕУ ние не можевме да ги почнеме реално преговори со ЕУ. Станува збор за држава која не го признава нашето малцинство во нивната држава, а е членка на ЕУ, а од друга страна ние овде ги почитуваме правата на сите етнички припадници.
– Кога Бугарија го искористи ветото јас ги критикував и ќе продолжам да ја критикувам Бугарија, но и други земји кои не вршат доволно притисок врз Бугарија да не ја злоупотребува својата позиција како земја членка на ЕУ. Мислам дека со ова вето јасните копенхашки критериуми се загрозени.
Дали во тој случај го поддржувате ставот да се промени начинот на гласање во Советот на Европската унија?
-Дефинитивно. Разбирам дека моментот на вистинско пристапување, базирано на едногласност е логично бидејќи е голема важна одлука, но исто така тие одлуки не треба да бидат предмет на вето. Тоа треба да биде едноставно пристап базиран на заслуги и ако Комисијата даде препорака дека Северна Македонија е подготвена и дека преговорите треба да почнат, да нема можност земја членка да ја злоупотреби својата позиција поради билатерални разлики. Како Парламент ние исто така имаме нова позиција за политиката на проширување и како таа треба да изгледа. Тогаш со големо мнозинство ние рековме дека правото на вето треба да биде укинато за да не може да биде злоупотребувано, затоа што тоа што се случи сега со Бугарија и Северна Македонија, може да се случи повторно и со друга соседна земја. Исто така рековме дека треба да биде со квалификувано мнозинство.
За време на престојот во Скопје го посетивте кругот на поранешната фабрика Охис. Зошто бевте таму?
– Сакав да видам како ЕУ ве поддржува во пракса. Ја посетив оваа стара хемиска фабрика да видам уште колку отпад има. Тоа е многу токсичен материјал што е се уште таму. Имаат прекрасен проект преку кој на многу безбеден начин се расклопува и транспортира. Но тоа е многу скапо. И тие навистина се многу зависни од фондови. За мене тоа е многу важно да алармирам во Европската комисија да видат како можат да помогнат со средства бидејќи е многу блиску до градот и мириса, и не знаеме колку може да влијае на водата во земјата. И треба да биде исчистено што побрзо, а тоа е прашање на финансиска поддршка. Тоа е нешто за што ние конкретно сакаме да помогнеме. Минатата година изработивме студија да видиме како Северна Македонија може да ја споделува заедничката политика на ЕУ за помали цени за енергија и за вложување во обновливи извори на енергија. Мислам дека е многу важно да соработуваме и во овие полиња.
Вие исто така сега почнувате кампања за нов пратенички мандат. Колку години сте пратеник во Европскиот парламент?
– Пет години. Бев член на комисиите за надворешни работи (АФЕТ), и граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) и особено работев на пристапувањето со Северна Македонија и Босна. Претходно бев дел од Парламентарното Собрание на Советот на Европа така што имам многу работено со земјите од Западен Балкан.
Што ќе биде во фокусот на вашата кампања?
– Ова е интересно бидејќи ние сме во коалиција со социјалдемократите во Холандија и тоа е доста уникатно. И за нас зелената транзиција, Зелениот договор е многу значаен. Пред минатите избори видовме еден зелен бран, кога многу луѓе од академската заедница протестираа за поамбициозни мерки. Она што го гледаме сега во последната половина година е сериозно опаѓање на поддршката особено на политичка поддршка – протестите на фармерите, ЕПП турка кон помала поддршка. Тоа не е соодветно. Се уште има голема итност за обновливи извори на енергија, да се има политика против загадувањето бидејќи тоа е присутно, политичарите се уште лобираат за отворање на нови рудници за јаглен. Ова не враќа назад. Многу треба да се направи таму. Ние исто така многу се залагаме за владеење на правото. Исто така и ние во ЕУ имаме проблеми со Унгарија, сега и со Словачка. Сметаме дека Европската комисија треба да биде построга, дека не треба да има неказнивост и дека Европската унија треба да биде посилна како глобален актер. Го видовме тоа со Русија, но исто така и со Кина и тоа можеме да го постигнеме преку подобра заедничка политика и да немаме национални разлики постојано со вета. Ќе станеме многу поефективни и ќе имаме повеќе производи и нема да бидеме зависни од малигни фактори. Исто така да имаме поголема социјалните, енергетските, климатските политики треба да бидат праведни и да бидат достапни за сите.
Повеќе од половина од овие прашања што ги набројавте ќе бидат дел и од нашите кампањи во Македонија бидејќи сме дел од Европа и имаме слични проблеми. Колку после овие европски избори би можела да се промени политиката на ЕУ за самите членки, но и за другите земји како Северна Македонија?
-Тоа е малку мешана слика, би рекла. Она што го гледаме во повеќе земји членки е зголемување на десничарскиот популизам особено во мојата земја Холандија. Сега екстремната десница ја формира владата и тоа го гледаме и во други земји и анкетите за Европскиот парламент се дека поддршката за екстремната десница расте. Тоа можеби нема да биде добра вест исто така ако зборуваме за проширувањето. Овие партии доаѓаат од Источна Европа. Тие чувствуваат многу итност за комплетирање на политиката за проширување. Исто така е прашање за кои земји-членки се работи, на пример за земји кои ја чувствуваат опасноста од војна тие се многу приврзани кон процесот за пристапување. Исто така за земјите соседи на Западниот Балкан. Исто така е и на национална основа, и не зависи само од политичките партии. Мислам дека амбицијата да се биде геополитички фактор ќе остане на врвот на приоритетите. Заканата е се уште тука. Мислам дека во моментов се уште има голем апетит и важност што му се дава на проширувањето. Па така мислам дека треба да се искористи овој моментум, бидејќи не знаеме што ќе се случува за пет години, динамиката во земјите се менува. Не мислам дека треба да се направи подоцна. За Северна Македонија мислам дека е шанса да стане што посилна и да ги задржи луѓето тука и тука да им даде перспектива, благосостојба, но и вредности и безбедност. Тие го заслужуваат тоа.
Елизабета Велјановска Најдеска
Фото: Дарко Попов/Приватна архива