Шведска и Финска денеска повторно го потврдија своето право да побараат пристап во НАТО доколку сакаат и ги отфрлија новите предупредувања од Москва, која во моментов врши инвазија на Украина.
Но, од почетокот на ескалацијата на украинската криза и двете земји сакаа да добијат гаранции дека вратите на Алијансата се отворени за нив. Двете земји официјално се неврзани, иако се партнери на НАТО од средината на 1990-тите.
„Сакам да бидам јасна. Шведска и само таа самостојно одлучува во која насока ќе оди во однос на сопствената безбедност“, изјави во петокот шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Иако не се членки, Шведска и Финска беа поканети на состанокот на НАТО во петокот.
И во Шведска и во Финска, десницата традиционално повеќе се залага за членство во НАТО, додека левицата се противи. Според анкетата објавена во петокот, поддршката за членството на Шведска пораснала најмногу во историјата и сега изнесува 41 отсто „за“.