Функционери на шведската влада се погрижиле да нема банани на сите места каде што често е на работа министерката за родова рамноправност Паулина Брандберг бидејќи, како што пренесува „Политико“, таа се плаши од тоа овошје.

„Бананофобијата“ на министерката стана позната преку мејловите објавени од шведскиот таблоид „Експресен“ во средата, во кои персоналот на Брандберг конкретно нагласува бананите да бидат отстранети од просториите пред нејзините официјални посети.

„Полина Брандберг е алергична на банани, па би ценеле доколку нема банани на местата што ќе ги посети“, напишала таа во еден од мејловите испратени до Норвешката судска агенција, која го прифатила предлогот.

Во еден од мејловите испратени од тимот на министерката до портпаролот на шведскиот парламент, Андреас Норлен, беше нагласено дека на местата каде што ќе биде Брандберг за време на средбата не треба да има „траги од банани“.

Таа во неколку наврати во текот на 2020 година преку објави на мрежата Х изјави дека има фобија од банани и дека тоа е „чудна“ фобија во светот, а за „Експресен“ истакна дека може да се нарече алергија и дека добива стручна помош кога станува збор за бананите.

Според Меѓународната класификација на болести, бананафобијата не е вообичаен феномен и затоа официјално не припаѓа на фобиите, но стравовите од храна се карактеризираат како специфични, изолирани типови на фобии.