Шведската влада предложи намалување на минималната возраст за кривична одговорност за најтешките кривични дела на 13 години, така што тринаесетгодишник осуден за убиство во иднина би можел да помине една или две години во затвор за малолетници.

Владата претстави уште неколку построги казни за криминалци помлади од 18 години, пишува шведскиот онлајн весник на англиски јазик „Свиден Хералд“ (Sweden Herald).

Како што се наведува, и покрај острите критики, владата продолжи со предлогот за намалување на кривичната одговорност на 13 години за кривични дела за кои е пропишана минимална затворска казна од четири години, како на пример убиство, обид за убиство, тешко силување или тешко нарушување на јавната безбедност.

Министерот за правда Гунар Стремер на прес-конференција изјави дека Шведска се наоѓа во итна ситуација и оти мерките што се преземаат мора да го одразуваат тоа.

Како што наведува порталот, во Шведска минатата година 52 лица помлади од 15 години биле вклучени во судски постапки за убиство и планирање убиство.

– Тоа е запрепастувачки, рече министерот.

Планирано е намалувањето на старосната граница за кривична одговорност да стапи во сила на почетокот на јули и да биде валидно пет години. Потоа би требало да следува расправа за тоа прашање во парламентот.

Според Стремер, целта е во текот на тие пет години да се направат големи чекори во превенцијата на криминалот, а потоа да се разгледа враќање на границата од 15 години или трајно воспоставување на границата за кривична одговорност на 13 години.

Се наведува и дека на тринаесетгодишниците и четиринаесетгодишниците осудени на малолетнички затвор значително ќе им бидат намалени казните – на десеттина, односно петтина од казната што би ја добило возрасно лице. Тоа значи една или две години малолетнички затвор за тринаесетгодишниците, или три до четири години за четиринаесетгодишниците.

Меѓутоа, судовите ќе имаат опција да изберат друга казна наместо малолетнички затвор, како што е надзор и грижа за малолетникот, особено ако казната се процени на помалку од една година по намалувањето врз основа на возраста.

Шведската затворска служба очекува до лето да има 54 места за лица од 13 до 17 години во специјалните одделенија за малолетници. Бројот на места ќе биде зголемен на 300 до 2027 година, пренесе swedenherald.com. Истовремено, постепено се укинува сегашниот затворен систем на грижа за младите во државните домови за малолетни престапници и се заменува со затвори за малолетници.

Планирано е по одслужувањето на затворската казна, тринаесетгодишниците и четиринаесетгодишниците да бидат на условна казна во период од две години, под надзор на социјалните служби и службите за рехабилитација и реинтеграција.

Моментално, помладите од 15 години кои ќе сторат кривично дело не можат да бидат казнети, туку за нив се грижат социјалните служби. За помладите од 15 години кои ќе сторат помалку сериозни кривични дела, како што се грабеж или напад, и во иднина ќе биде задолжена социјалната служба, пишува „Свиден Хералд“, повикувајќи се на Министерството за правда.