Шведскиот премиер Улф Кристерсон се најде на удар откако призна дека редовно користи алатки за вештачка интелигенција како „второ мислење“ при донесувањето одлуки.
Лидерот на Умерената партија, која ја предводи владата од десниот центар, во интервју за весникот „Дагенс Индустри“ откри дека користи услуги како што се „ЧетГПТ“ и францускиот „ЛеШат“ за да споредува мислења и да разгледува алтернативни решенија.
„Ако не поради друга причина, тогаш да се добие второ мислење. Што направиле другите? Дали треба да размислуваме сосема поинаку? Јас ги поставувам овие прашања“, рече Кристерсон, додавајќи дека неговите колеги исто така сè повеќе користат вештачка интелигенција во нивната секојдневна работа.
Неговото признание предизвика остри реакции, како од стручната јавност, така и од медиумите.
Шведскиот таблоид „Афтонбладет“ го обвини во уреднички текст дека „подлегнал на вештачката интелигенција на олигарсите“, додека експертите за технологија изразија загриженост за можноста за злоупотреба на чувствителни податоци.
„Мора да бидете многу внимателни“, предупреди Симоне Фишер-Хибнер, професорка по компјутерски науки на Универзитетот Карлштад.
Таа истакна дека внесувањето доверливи информации во отворени системи со вештачка интелигенција претставува безбедносен ризик.
Од Кабинетот на премиерот подоцна појаснија. Портпаролот Том Самуелсон изјави дека Кристерсон не користи вештачка интелигенција за обработка на чувствителни податоци.
„Секако, не се внесуваат информации чувствителни на безбедноста. Алатките се користат повеќе како извор на општа рамка и размислување“, рече Самуелсон.