Кинеските хакери кои стојат зад кампањата за инфилтрирање во клучната американска инфраструктура имаат пристап до компјутерските мрежи на некои од нивните цели најмалку пет години, се вели во новиот извештај на американските и сојузничките безбедносни агенции што го виделе Си-Ен-Ен, а се очекува официјално да биде објавен ова недела.
Американските власти рекоа дека кампањата е дел од долгорочните напори на кинеските хакери да се позиционираат себеси за потенцијално штетни сајбер напади кои би можеле да го нарушат снабдувањето со вода и електрична енергија.
Шефовите на американското разузнавање го информираа Конгресот за заканата минатата недела, велејќи дека Пекинг може да ги искористи хакерските напади за да го попречи американскиот одговор во случај на можен кинески напад врз Тајван.
Директорот на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), Кристофер Вреј, им кажа на конгресмените минатата недела дека кинеските хакери би можеле да предизвикаат хаос и штета на американската инфраструктура, според Си-Ен-Ен.
Разузнавачкиот извештај на речиси 50 страници е најдетално откривање на техниките за хакирање до сега, и има за цел да им помогне на приватните сопственици на критичната инфраструктура да ги забележат кинеските хакери во нивните мрежи.
Извештајот јасно покажува дека активностите на кинеските хакери започнале многу порано отколку што се знаело, со тоа што хакерите пристапиле до ИТ системи пред многу години, истакнува Си-Ен-Ен.
Се вели дека хакерите поддржани од Пекинг истражуваат пристап до системи кои го контролираат греењето, ладењето и снабдувањето со вода за да предизвикаат „значајни дефекти во инфраструктурата“.
Американските власти потврдија дека хакери упаднале во компјутерските мрежи во енергетските, транспортните и водните капацитети на континенталните и неконтиненталните американски и прекуокеанските територии, вклучувајќи го и „Гуам“, се вели во извештајот.
Во документот, според извештаите на медиумот, се наведува дека хакерите упаднале и во безбедносните камери на неименувани критични објекти.
Сè уште нема знаци дека Кина одлучила да го искористи присуството на хакерите за да ја наруши американската инфраструктура, велат американските власти, но тие се загрижени дека тоа може брзо да се промени во случај на криза.
Кина според написите,ги негира американските наводи за хакирање.
ФБИ, Националната агенција за безбедност и Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктура се меѓу американските агенции кои го составија извештајот, заедно со агенциите за сајбер безбедност од Австралија, Канада, Нов Зеланд и Обединетото Кралство.