Хакерите кои стојат зад кибер нападот врз најголемата американска гасоводна компанија „Колонијал гасовод“, можеби се поврзани со Русија. Ова го јави Си-ен-ен, повикувајќи се на извори меѓу поранешните вработени во американската администрација, кои работеле во областа на кибер безбедноста.

Претходно беше соопштено дека група напаѓачи кои се нарекуваат DarkSide можно е да стојат зад нападот. Според Си-ен-ен, групата потекнува од Русија. Според извори на телевизијата, хакерите вклучени во неа не вршат напади во земјите каде се зборува руски јазик.

Во исто време, Блумберг јави дека DarkSide, организиран минатото лето, можно е да е поврзан и со Русија и со источноевропски земји.

Од друга страна, американската телевизија Ен-Би-Си наведува дека нападот бил извршен од „криминална шема“ и не бил инициран од руските власти.

Си-Ен-Ен истакнува дека во врска со кибер нападот, што резултираше со исклучување на гасоводот што обезбедува гориво за 45 отсто од населението на источниот брег на САД, американските власти создадоа меѓусекторска група специјалисти. Тие ќе се справат со спречување на нарушувања во снабдувањето со гориво.

Блумберг претходно предупреди дека нападот врз „Колонијал гасовод“ може да доведе до нарушувања во снабдувањето со гориво за САД, како и до зголемување на цените на бензинот на највисоко ниво во последните седум години.

Според соопшѓтение на компанијата, кибер нападот против нејзините системи бил извршен со помош на вирус за уцена. Тоа е вирус кој кога ќе влезе во компјутерски систем привремено го блокира неговото работење и криптира податоци се додека жртвата на кибер нападот не ја плати износот што го бараат уценувачите. Според информациите во американските медиуми, како резултат на нападот, криминалците добиле до 100 гигабајти податоци. Среде инцидентот, компанијата беше принудена да го прекине работењето.