Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, испрати писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, барајќи движењето Антифа да биде прогласено за терористичка организација и Европската Унија да воведе рестриктивни мерки против групите поврзани со ова движење, објавија западните медиуми.

Во интервју за унгарските медиуми, Сијарто потврди дека испратил порака до Брисел, нагласувајќи дека Унгарија се потпира на искуството на Соединетите Американски Држави.

– Силно препорачувам Европската Унија да го следи примерот на САД и да го вклучи движењето Антифа на листата на терористички организации, воведувајќи ги потребните мерки против групите поврзани со нив. Ова е прашање од толку голема важност што е потребна координација со Соединетите Американски Држави – изјави шефот на унгарската дипломатија.

Да ве потсетиме дека оваа недела американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Антифа е прогласена за терористичка организација на американска територија. Набргу потоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан потврди дека истата одлука е донесена и во Унгарија.