Унгарија веќе неколку месеци преговара за билатерален договор со САД, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

„Неколку месеци разговараме со САД за посебна билатерална соработка. Имаме многу добри односи со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп“, изјави Сијарто во интервју за Блумберг.

Тој, исто така, ја критикуваше Европската унија за ескалацијата на спорот околу царините.

„Европската комисија требаше да ги спречи мерките на американскиот претседател Доналд Трамп против блокот со намалување на неговите тарифи, особено оние наметнати на американските производители на автомобили“, посочи Сијарто, оценувајќи дека институциите во Брисел „се покажаа неспособни да постигнат решение“.

Како што наведе, Унгарија сега се соочува со царини од 20 отсто, заедно со другите земји-членки на ЕУ.

Унгарскиот министер, кој ја опиша стратегијата на Трамп како „патриотска“, рече дека рамката ќе вклучува економски елементи, без да даде дополнителни детали.

Сијарто, исто така, ги бранеше економските врски на Унгарија со Кина и Русија, особено во однос на снабдувањето со енергија од Москва.

„Унгарија не може да се одвои од Русија, бидејќи во спротивно немаше да има доволно енергија. Кинеските инвестиции во Унгарија имаа исклучиво економски причини, а Пекинг ниту еднаш не ја измеша политиката со инвестициските одлуки“, додаде шефот на унгарската дипломатија.

Запрашан дали Будимпешта е разочарана што САД делумно ги оправдуваат тарифите наметнати на Европската унија поради корупцијата во Унгарија, Сијарто рече дека „лажни вести кружат по ова прашање“.

„Ова е годишниот извештај на трговскиот претставник на Соединетите Американски Држави, кој беше составен минатата година, за време на претседателствувањето на Џозеф Бајден. Администрацијата на Бајден беше многу непријателска кон Унгарија. Познато е дека овие извештаи се подготвуваат врз основа на информации од американските амбасади, а претходниот американски амбасадор беше многу непријателски расположен“, рече Сијарто.

Во врска со повлекувањето на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд, Сијарто рече дека телото станало политичка институција и дека налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е очигледно политички мотивиран. „Не сакаме да учествуваме во ова, затоа се повлековме“, рече тој.