Унгарската влада им забрани на тројца украински функционери влез во земјата, наведувајќи ја нивната одговорност за присилната мобилизација во Украина, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, додавајќи дека министерството претходно предложило тие да бидат ставени на списокот со санкции на Европската Унија.

Министерството соопшти дека Сијарто го коментира случајот на Јожеф Себестен, кој неодамна беше претепан до смрт за време на присилната мобилизација во Украина, објави МТИ.

Сијарто на прес-конференција по состанокот на унгарско-узбекистанскиот мешан комитет изјави дека Советот на Европа ги потврдил извештаите за физичко насилство и тортура за време на мобилизацијата во Украина.

Тој рече дека откако еден Унгарец станал жртва, владата вчера предложила три лица да бидат ставени на списокот за санкции во Брисел.

Спорениците се началникот на Генералштабот на украинските копнени сили, командантот на Западната оперативна команда и началникот на Дирекцијата за мобилизација на украинското Министерство за одбрана.

„Додека тоа не се спроведе, се согласивме дека на сите тројца ќе им биде забранет влез во Унгарија“, рече тој.

Одговарајќи на новинарско прашање, Сијарто рече дека замрзнувањето на односите меѓу Унгарија и Украина ќе донесе големи проблеми за Украина, бидејќи Унгарија во моментов е најголемиот снабдувач со електрична енергија во Украина и дека неколку стотици милиони кубни метри природен гас пристигнале во таа земја од Унгарија.