Унгарија се противи на испраќање касетна муниција во Украина или какво било оружје што само ќе го продолжи конфликтот или ќе доведе до повеќе жртви, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Коментирајќи ја одлуката на САД да испрати касетна муниција на украинската армија, тој на прес-конференција во Будимпешта рече дека употребата на таква муниција може да има трагични хуманитарни последици.
Сијарто ги повика сите луѓе да помогнат да се врати мирот во Украина и да се спасат човечки животи,наместо да се испраќа касетна муниција и друго оружје, пренесе ТАСС.
„Колку повеќе оружје се користи во оваа војна, толку подолго ќе трае и ќе умираат повеќе луѓе. Затоа секој што испраќа оружје во Украина ја презема одговорноста за дополнителни смртни случаи и страдање на повеќе семејства“, рече Сијарто.
САД на 7 јули објавија дека имаат намера да испратат касетна муниција во Украина. На ова се противат ОН и многуте сојузници на Вашингтон, како и некои членови на американскиот Конгрес.