Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.
-Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков, вели Сиљановска Давкова на новинарско прашање пред присуството на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.
Прашана дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, Сиљановска Давкова посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
-Не сме предложиле на господинот Жељазков за да биде потврдено туку тоа, ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде. Инаку јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот процес во моментов европски – процесот на проширување, рече Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека нема да присустува на престојниот Самит на НАТО во Хаг, и дека таму ќе замине претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во однос на најавите од бугарска страна дека наместо нивниот претседател Радев ќе присустува премиерот Жељазков, тој нагласи дека доколку има каква било иницијатива за средба меѓу македонската претседателка и бугарскиот премиер тоа треба да се прифати, за да се покаже проактивност и, вели, да ги вкрстиме аргументите. Тој најави и дека ќе побара состанок со претседателката.
-Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер тоа треба да се прифати без разлика што јас нема да бидам таму, тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа тоа што се зборува, да покажеме дека неколку стотини наши граѓани, кои за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, дека тоа не е проблемот, туку има многу поголем проблем, тоа е политика стара децении, тоа е стратегија која се пишувала, говорела, внимателно се создавала и без квинслинзи овде кај нас не можела да се спроведе. За жал такви имаше во минатата влада, рече премиерот.
Премиерот Мицкоски порано неделава во изјава за медиумите кажа дека суштината на проблемот е „обидот на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во ’45-та година и дека почива на бугарски корени“. Нагласи дека секој оној, кој не гледа дека ова е суштината на проблемот е, вели или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика и додаде дека ова точно го знаел поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, прифаќајќи го францускиот предлог.
Во гостување на Алсат М. прашан дали дава надеж изјавата од пред некој ден на министерот за надворешни работи на Бугарија дека Софија гарантира дека нема да има нови барања и со тоа останува само Уставот како пречка, Мицкоски кажа дека истиот тој министер за надворешни работи пред неколку месеци изјави исто така дека ова е само почеток и оти во текот на преговорите има уште многу работи што треба да се разрешат, дорешат итн…
– Сега на кого да веруваме. На истиот министер за надворешни работи од пред два – три месеци или на овој сега, или пак на некој иден, кој исто така ќе има некаква поинаква изјава што е за дневно политички цели, рече Мицкоски и додаде дека работата е многу јасна и не треба човек да е многу политички искусен.
Кон крајот на минатиот месец, Мицкоски истакна дека на средбата во Скопје со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, меѓу другото, разговарале и за евентуалната билатералната средба со бугарската страна, за нејзиниот формат, кој се би можел на неа да присустуствува и каде би можела да се одржи.
Претстојниот Самитот на НАТО во Хаг, како што кажа тогаш е добра можност за средбата, на неа би присустувале претедателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, а составот, како што посочи Мицкоски го прошириле и со можноста за присуство на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, како и претставници на СА.
Фото: МИА