Носителката на изборна единица 1 на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ Гордана Силјаноска – Давкова денеска на средби со граѓани во Скопје во Градскиот парк истакна дека програмата „Обнова на Македонија“ предвидува мерки за поголемо зеленило во урбаните места за живеење и намалување на аерозагадувањето.

-Во обновата оние кои ја читале забележале еден проект кој таму е наречен „Урбана шума“, јас го нарекувам „Скопска шума“ или вардарска шума во кој се планира крај брегот на Вардар да никнат насади заради прочитување на воздухот, рече Силјаноска – Давкова.

Посочи дека Македонија има огромен потенцијал како во делот на културниот туризам и производство на здрава храна така и во спроведување на ветените проекти за 30% зеленило во секоја општина за што се обврзува ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ со своите проекти.

-Си ја замислувам Македонија а тоа веќе и минатата година го кажав како земја која може да живее од култура, од културен туризам но и која може да живее од здрава храна. Затоа мислам дека идејата за зелени обврзници за 30% во секоја општина зеленило за контрола на бучавата е одлична идеја, додаде Силјаноска.

Во програмата, кажа Силјаноска, има огромен број на иновативни проекти и посебно во делот на заштита на животната средина и дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ сериозно се обврзува и за намалување на загаденоста на воздухот кој е горлив проблем на граѓаните на урбаните места на живеење.

-Се разбира во програмата има и дел за зелени хотели. Можеби велам ако се научиме да живееме во хармонија со природата, да живееме во хармонија со духовното што сме го наследиле и да го негуваме. Ќе направиме од Македонија пристојно место за живеење, рече Силјаноска – Давкова.