Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Џејмс Карафано, виш советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ и водечки експерт за национална безбедност и надворешна политика и Пол МекКарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт – ИРИ.

Тие ја запознаа со иницијативата „Три мориња“, во која членуваат 13 земји, членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море: Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, а од 2023-та година и Грција.

Во фокусот на иницијативата се развојот на енергетската, транспортната и дигиталната инфраструктура на членките и зајакнувањето на оската север-југ во Источна Европа.

Претседатeлката Сиљановска-Давкова смета дека приклучувањето на Западниот Балкан кон оваа иницијатива може да го продлабочи нејзиниот успех заради географската и политичка поврзаност на земјите од оската север-југ во Источна Европа.

Според неа, посетата на двајцата американски претставници доаѓа во вистинско време заради компатибилноста меѓу целите и програмите на иницијативата со Европскиот план за раст и Реформската агенда за развој.

Имајќи предвид дека најголемиот дел членки на иницијативата истовремено се членки на НАТО и ЕУ, претседателката истакна дека нашето приклучување кон иницијативата „Три мориња” ќе отвори можност за интензивирање на меѓусебната соработка и забрзување на евроинтеграциските процеси.

Соговорниците изразија решеност за продлабочување на соработката со Фондацијата Херитиџ, како и со Меѓународниот републикански институт – ИРИ преку отворање на канцеларија во нашата држава. (МИА)